Новата словенечка влада ќе продолжи со приватизацијата на Телеком Словеније

42

Telekom

Словенечкиот премиер Миро Церар вчера најави дека неговата влада ќе продолжи со процесот на приватизација на државните претпријатија. Целта на новата влада е да го намали дефицитот под 3%.

“Нема да биде лесно, но ќе настојуваме следната година буџетскиот дефицит да го сведеме на помалку од 3% БДП”, изјави Церар за Ројтерс, пренесува Seebiz.eu.

Намалувањето на буџетските расходи е барање на Брисел. Словенија оваа година очекува буџетски дефицит од 4,5% БДП.

Премиерот нагласи дека неговата влада ќе продолжи со процесот на приватизација на државните претпријатија, кој беше стопиран до формирањето на новата влада и ќе продолжи со продажбата на Телеком Словеније, од која се очекува околу 700 милиони евра за државниот удел во компанијата.

Претходно годинава, во јули месец, на распишаниот јавен повик, необврзувачки понуди за преземање на Телоком Словеније до предвидениот рок предадоа осум заинтересирани компании – руски МТС, турски Turkcell, германски Deutsche Telekom и финансиските фондови Apollo Global Management, Cinven, CVC Capital Partners, PPF Group, Apax, Bain Capital и Providence Equity Partners. Словенечките медиуми како фаворит го наведуваа германскиот оператор Deutsche Telekom.

Новата влада својот мандат го започна пред две недели и најави отстранување на административните пречки за инвеститорите, намалување на сивата економија и подобро собирање на даночни приходи.