Нови автопати кон Штип и Охрид

36

avtopat_vn_2Според најавата на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, изградбата на новите автопати на делниците Миладиновци – Штип, во должина од 47 километри и Кичево – Охрид во должина од 56 километри, ќе започне од почетокот на идната година.

Изградбата на овие два поголеми проекта ќе значи ангажирање на голем број македонски градежни компании и работници.

“Одредба која е многу значајна за нас е тоа што во договорот стои дека минимум 49% од извршените работи мора да бидат од страна на домашни компании и минимум 51% од лицата кои ќе бидат ангажирани да бидат македонски државјани”, истакна Јанакиески.

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев е задоволен што Источна Македонија по 69 години ќе добие нов автопат и дека благодарение на него ќе се подобри безбедноста на патувањето низ овој дел од државата.

“Со оваа делница ќе го доближиме Скопје до Источна Македонија и ќе ја подобриме безбедноста во сообраќајот бидејќи делницата Штип – Велес е црна точка на македонските патишта. Ќе имаме заштеди во време и финансиски средства, а важно е и тоа што индистриските зони ќе станат попривлечни за странските инвеститори бидејќи патната инфраструктура е пресудна за нив”, рече Захариев.

Според претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Сеад Кочан, изградбата на овие делници ќе значи продолжување на експанзијата на градежништвото во Македонија.

“Градежниот сектор ќе продолжи да биде двигател на македонската економија. Само во последната година имаме 10 илјади нови вработувања. Со овие проекти очекуваме уште неколкукратно зголемување на бројот на вработувања. Покрај градежниот сектор ќе се активираат и други сектори така што на среден рок ќе се зголеми потрошувачката моќ на граѓаните, а на долг рок ќе имаме поврзување на источниот и западниот дел на државата со главниот град со што ќе се очекува поефикасно снабдување на пазарите”, рече Кочан.

Инвестицијата на автопатот од Кичево до Охрид изнесува 376 милиони евра, а од Скопје до Штип 206 милиони евра.