
Започнувањето на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ претставува значаен чекор во унапредувањето на националната политика за безбедност и здравје при работа, истакна денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши во своето обраќање на официјална промоција на Проектот.
„Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година, нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.
Проектот е насочен кон намалување на бројот на повреди и професионални заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област.
„Светот на работните односи се менува – брзата дигитализација, новите форми на вработување и економските предизвици бараат систем кој предвидува, спречува и штити. Владата на Република Северна Македонија ја постави безбедноста и здравјето при работа како еден од приоритетите на трудовите политики. Законот сами по себе не е доволен – потребни се функционални институции, инспекции и континуирани обуки“, додаде министерот.
Проектот, чија реализација ќе трае до октомври 2028 година, се спроведува со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и финансиска помош од Европската Унија. Министерот Дурмиши истакна дека со заедничка работа на Владата, работодавачите, синдикатите и експертите, Северна Македонија ќе создаде посигурни и поздрави работни средини, каде што безбедноста ќе биде темел на економскиот развој.











