Нови евтини кредити за самовработување

21

denariВладата на Република Македонија утре ќе распише оглас за самовработување со кредитирање на кој ќе може да аплицираат невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување. На огласот може да конкурираат невработени кои се евидентирани најмалку една година и невработени најмалку шест месеци кои спаѓаат во групата на млади лица до 27 години или пак повозрасни лица над 55 години, како и лица кои примаат паричен надомест по основ на невработеност.

Преку поволни кредитни инструменти ќе бидат финансирани бизниси од помал и бизниси од поголем обем. Секое новоотворено работно место за бизниси од помал обем ќе биде финансирано со 3.000 евра, а максималната бројка на луѓе кои може да се здружат за да аплицираат е три лица, што значи дека вкупниот обем би бил 9.000 евра. Рокот за поврат е три години со грејс период од една година и каматна стапка од 1%. За финансирањето на бизниси од поголем обем може да аплицираат максимално пет лица од кои основниот кредитобарател би добил сума од 5.000 евра, а останатите четворица со по 3.000 евра за секое ново отворено работно место. Рокот за поврат на средствата е пет години со грејс период од една година и каматна стапка од 1%.

Доколку било кое од лицата кои се здружуваат припаѓа на групата невработени кои ја стекнале невработеноста како резултат на технолошки вишок, стечај или ликвидација и шест месеци биле евидентирани во Агенцијата за вработување и примале паричен надоместок, односно три години поминало од моментот на нивото отпуштање, тогаш за нив може да се повлечат уште дополнителни 1.000 евра по лице.

Финансирањето ќе се врши преку Македонската банка за поддршка на развојот, а финансиската конструкција за оваа мерка за вработување е проектирана на пет милиони евра со можност за проширување доколку постои интерес од страна на невработените.

Заинтересираните ќе можат да аплицираат во рок од 10 дена, почнувајќи од утре кога ќе биде објавен огласот. По завршувањето на огласот, во рок од еден месец до 45 дена, Агенцијата за вработување во соработка со Агенцијата за претприемништво ќе ги разгледа доставените апликации по што со избраните ќе бидат потпишани договори.