Нови мерки за поддршка на бизнис секторот

14

keyboard and two persons on white background

Владата на својата четврта седница усвои неколку мерки и проекти за поддршка на бизнис секторот во Македонија.

Владата, како што информираше премиерот Никола Груевски, го усвоила Акцискиот план на Македонската банка за поддршка на развојот за почеток со реализација и користење на четвртата евтина кредитна линија за македонските компании, чија вредност е нови 100 милиони евра, каде Владата ја субвенционира и каматата која изнесува 5,5%.

Целта на оваа кредитна линија е да се обезбеди подобрување и развој на производните способности на малите и средни претпријатија. Средствата ќе бидат наменети за компании кои со нивните вложувања ќе придонесат за пораст на вработеноста, зголемување на извозот и поголема додадена вредност.

Согласно планот, до крајот на 2014 година се планира да се повлечат вкупно 40 милиони евра, додека останатите 60 милиони евра до крајот на 2015 година. Со реализацијата на четвртата евтина кредитна линија во вредност од нови 100 милиони евра се очекува да се отворат 2.150 нови работни места.

Следна мерка што ја усвои Владата на својата седница е висината на глобата за правните лица и трговците поединци да се одредува врз основа на нивната големина. Мерењето ќе се врши врз основа на следните критериуми: вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец и претходно поведение на сторителот.

По основ на критериумот вкупен приход остварен во претходната фискална година може да се изрече најмногу 70% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин: за субјекти кои имаат приход од 0 – 500.000 денари – 10% од пропишаната глоба за тој прекршок. Во оваа категорија има 21.092 субјекти, за субјекти од 500.001 до 1.000.000 – 20% , за субјекти од 1.000.001 до 3.000.000 денари – 30%, за субјекти од 3.000.001 до 6.000.000 денари – 40%, за субјекти од 6.000.001 до 20.000.000 денари – 50%, за субјекти од 20.000.001 до 100.000.000 денари – 60%, за субјекти над 100.000.000 денари – 70% од пропишаната глоба за тој прекршок.

По основ на критериумот просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец, може да се изрече најмногу до 20% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин: Од нула до девет вработени – 5%, од 10 до 49 вработени – 10%, од 50 до 249 вработени – 15%, над 250 вработени – 20%.

Врз основа на критериумот претходно поведение на сторителот може да се изрече најмногу 10% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин, – доколку субјектот нема изречено претходни санкции – 0%, а доколку субјектот има изречени правосилни претходни санкции – 10%.

Мерењето на висината на глобата според критериумите ќе се врши на тој начин што процентот од пропишаниот износ на глобата ќе претставува збир на сите проценти добиени во зависност од категоријата на во која влегува сторителот во рамките на секој пропишан критериум.

“Доколку прекршок направи субјект кој има приходи до 500.000 денари годишно и има до девет вработени, и претходно нема сторено таков прекршок, тогаш тој ќе плати глоба пресметана на следниот начин: Врз основа на приходот кој му е до 500.000 денари тој ќе плати 10% од предвидената глоба, значи 1.000 денари. Врз основа на бројот на вработени кој е до девет вработени тој ќе плати 5% од предвидената глоба, значи 500 денари. Значи субјектот наместо 10.000 денари, како што беше досега согласно досегашниот закон, сега согласно новиот закон ќе плати 1.500 денари, рече Груевски.

Како трета мерка за подобрување на капацитетите на домашните компании, Владата донесе одлука да започне со реализација на последната фаза на проектот Топ менаџмент кој исто така е дел од програмата за работа на Владата.

Проектот Топ менаџмент опфаќа реализација на практична обука на менаџерите од домашни компании, и тоа во рамките на странски компании. Странските компании во кои ќе биде изведувана практичната работа ќе бидат од сферата во која припаѓа и домашната компанија. Со овој проект ќе бидат опфатени 140 менаџери од македонски компании, кои веќе врз основа на јавен и транспарентен оглас во изминатиот период беа селектирани и ја имаат поминато теоретската обука. Практичната обука ќе се спроведе во високо развиена земја во странство во траење од еден месец.