Нови правила на ЕУ за означување на храната – појасни информации на етикетите на производите

75

eu pravila hrana

Од денеска, 13 декември 2014 година, стапуваат на сила новите правила на ЕУ за означување на производите, што на корисниците ќе им обезбедат појасни, подетални и точни информации за содржината на храната што ја купуваат, соопшти Европската комисија.

Дел од основните промени во правилата за етикетирање се почитливи детали (се воведува минимална големина на фонтот); појасна и унифицирана истакнатост на алергените (соја, ореви, глутен, лактоза…) на сите прехранбени производи, вклучувајќи ја и храната што не е пакувана, што значи дека тоа се однесува и на пекарниците, рестораните, кафулињата; растителните масти треба да бидат точно опишани (палмино масло, масло од сончоглед или некое друго); се воведува задолжително означување на потеклото на сите видови свежо месо; листа на присуство на наноматеријали во одредени состојки, како на пример во чоколадни десерти, сувомеснати производи или супи; еднакви услови за етикетирање за шопинг преку интернет или од продавница…

Промените беа одобрени од европските институции во 2011 година. Регулативата предвидува клаузула за исцрпувањето на залихите на храна, кои се пуштени на пазарот или етикетирани пред 13 декември 2014 година.

Новите задолжителни правила за нутритивни декларации, како што се енергетска вредност на храната, содржина на сол, шеќер и маснотии, стапуваат на сила на 13 декември 2016 година. Но, доколку производителите сакаат доброволно да ги внесат и овие податоци, што често е случај, мора да бидат читливи и видливи, со бројки или букви, а не со пиктограми или симболи, почитувајќи ја минималната големина на фонтот.

Во текот на 2015 година во план е изработка на единствен европски регистар во кој граѓаните и претприемачите ќе можат да ги пребаруваат сите европски правила во однос на ознаките на храната.