Новиот мандат на Трамп може да ѝ нанесе штета од 184 милијарди евра на Германија

65

Доколку поранешниот американски претседател Доналд Трамп биде реизбран за претседател, неговиот нов мандат би можел да ја чини Германија повеќе од 180 милијарди евра поради трговската војна, објави Германскиот економски институт во најновиот извештај.

Поранешниот републикански претседател, пишува Ројтерс, ги истакна плановите за воведување општи царини од 10 до 20 отсто на речиси сите увозни производи, како и оние од 60 отсто или повеќе на производите од Кина, со цел да се поттикне американското производство.

Во случај на воведување царини од 20 отсто за производи од ЕУ од страна на администрацијата на Трамп и еднакви контрамерки од Брисел, БДП на еврозоната падна за 1,3 отсто во 2027 и 2028 година, додека во Германија падот може да достигне 1,5 отсто.

Негативните ефекти врз БДП на Унијата се зголемуваат од 2025 до 2028 година, додека ефектите врз БДП на САД се посилни во првите две години, се наведува во студијата.

Институтот направи и симулација која покажа дека германскиот БДП ќе загуби 130,2 милијарди евра за четири години со царини од десет проценти, додека во случај на двојни царини загубата ќе изнесува околу 184 милијарди.

И покрај најавите на Трамп, штети би претрпела и американската економија, пред се во првите две години, при што загубата ќе изнесува меѓу 1,3 и 1,5 отсто од БДП.

Ефектите врз американскиот БДП се намалуваат со текот на времето бидејќи во ова сценарио увозот во САД паѓа повеќе од извозот, што носи сè попозитивен ефект врз трговскиот биланс на САД.

Во 2024 година, Германија, најголемата европска економија, ќе биде единствената земја од Г7 која нема да расте две години по ред, според најновата прогноза на Меѓународниот монетарен фонд.