Новиот словенечки гувернер ликвидираше две банки

45

banka slovenijeНовиот гувернер на Банка на Словенија, Боштјан Јазбец, го повлече својот прв потег – прати во ликвидација две проблематични банки, Пробанка и Фактор банка. Ова, според словенечката јавност, значи почеток на решавање на тешките проблеми во словенечката банкарска индустрија.

Идејата на Јазбец е да се спроведе контролирана ликвидација во овие две банки, со цел да се осигура исплата на сите депоненти, заемодавачи и сопственици на обврзници. Во тој процес, словенечката влада гарантира 490 милиони евра за Пробанка и 540 милиони евра за Фактор банка.

Неколку дена пред гувернерот да ја донесе оваа одлука, беа објавени полугодишните резултати на словенечките банки кои покажуваат колку е лоша состојбата во овој сектор. Банките успеале да ги намалат оперативните трошоци за значителни 6%, но првите шест месеци ги завршиле со нето загуба од 215,6 милиони евра. Лошите кредити пораснале за 600 милиони евра, на вкупно 7,5 милијарди евра, додека трошоците за резервации достигнале 4,47 милијарди евра.