Новите модели на Boeing ќе имаат крила на склопување и капацитет над 400 патници

27

Фото: Pixabay

Најголемиот американски производител на авиони, Boeing доби одобрување од регулаторните власти за новите склопувачки крилја за најновите модели на авиони од серијата 777, пишува The National.

Дизајнот ќе биде инкорпориран во моделите 777-8 и 777-9, и ќе овозми да се намали распонот на крилјата од 235 на 212 стапки во моментот на преклопување. За таа цел, наместо од алуминиум, Boeing ќе ги прави новите крилја од композитни јаглеродни влакна, коишто се посилни и полесни од металот што го заменуваат.

Најновите модели се предвидени за долги релации и капацитет со 350-400 седишта и ќе бидат први модели со двојни мотори коишто ќе може да соберат над 400 патници. Поради овие карактеристики, авионите мораат да имаат енормно големи крилја што е невозможно да се вклопат во постоечките порти на аеродромите.

Токму за тоа Boeing дизајнираше нов вид на крилја чии врвови ќе се ротираат се додека не бидат насочени кон небото, а благодарение на преклопувањето ќе може да се паркираат и на аеродроми со стандардна големина. Со ова се решава еден од најголемите проблеми на новите модели – неможноста да влезат на стандардните аеродромски порти, токму поради големите крила.

И бидејќи стандардите за дизајнирање на комерцијални авиони не предвидуваат преклопен распон на крилја, американските регулатори мораа да ги одобрат овие “специјални услови”, со што најголемите и најефикасните комерцијални авиони конструирани некогаш, добија и официјално”зелено светло”.