Новите технологии ќе ја поттикнат побарувачката за бакар

19

Побарувачката за бакар силно ќе расте во следните десет години, главно поради зголемувањето на производството на електрични возила, енергетската инфраструктура, вештачката интелигенција и автоматизацијата, оценува трговската куќа Трафигура.

Енергетската транзиција и новите технологии како што се вештачката интелигенција и автоматизацијата веќе ја подобрија перспективата за побарувачката за високопроводен метал.

Проценките за новата побарувачка од овие апликации варираат, но Грем Трејн, шеф на анализа на метали во швајцарската Трафигура, рече дека една третина од десетте милиони тони нова побарувачка ќе дојде од секторот на електрични возила.

„Третина е производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, а остатокот е за работи како автоматизација, капитални трошоци за производство и системи за ладење во центрите за податоци“, рече Трејн.

Растот на центрите за податоци, пренесува Reuters, е тесно поврзан со развојот на вештачката интелигенција.

Забрзувањето на производството на електрични возила, соларни панели и инвестициите во мрежата во Кина и зголемувањето на производната активност кај најголемиот потрошувач веќе ја зголемија побарувачката за бакар што се користи во енергетската и градежната индустрија.

Тоа, во комбинација со тесните залихи на рафиниран метал и бакар концентрат, го поттикна бакарот на Лондонската берза за метали до двегодишните највисоки нивоа, близу 10.000 долари за тон.

Извори од бакарната индустрија велат дека поскапувањето делумно е резултат на падот на залихите во магацините регистрирани во LME, за цели 35 отсто во однос на октомври лани, на 121.200 тони.

Дополнителен поттик на цените беше намалената понуда на бакар концентрат по затворањето на рудникот Кобре во Панама во сопственост на First Quantum’s Minerals и оценката на рударскиот гигант Anglo American за намаленото производство.

Во такви услови, некои аналитичари сега очекуваат значителен недостиг на пазарот, од околу 26 милиони тони годинава.