Персоналот во хотелот Sky во Јоханесбург ги применува сите протоколи за борба против коронавирусот, од носење маски до физичка дистанца. Тоа важи за сите вработени, освен за Lexi, Micah и Ariel. За нив тоа не важи бидејќи тие не можат ниту да заразат, ниту да се заразат бидејќи се роботи.
Хотелот Sky е прв во Африка што ја роботизираше рецепцијата, што од една страна е практично во услови на пандемија, но од друга страна значи повеќе невработени во земја што веќе се бори со висока стапка на невработеност.
Задача на Lexi, Micah и Ariel е да ги доставуваат нарачките во собите, да даваат информации и да носат до 300 килограми багаж од фоајето до собите. Гостите имаат право да изберат дали ќе бидат услужени од роботи или од луѓе.
Роботите веќе одамна им посакуваат добредојде на гостите во хотелите во Јапонија. Во 2015 година хотелот Henn’n во Токио беше првиот со целосно роботизиран персонал. Неколку токиски хотели сега ги користат за да ги услужат гостите со благи симптоми на Ковид-19.
Фото: Facebook