Ново ексклузивно македонско вино – Домен Лепово Гранд Куве од Тиквеш

63

tikves

Лансирано е новото суперлуксузно македонско вино од портфолиото на премиум брендот Домен Лепово. Домен Лепово Гранд Куве (Domaine Lepovo Grand Cuvée) е совршено балансирана купажа (мешавина) од три висококвалитетни сорти грозје – вранец, каберне совињон и мерло.

„Со најновиот член од портфолиото на Домен Лепово достигнуваме нов врв во производство на моќни, ексклузивни вина со исклучителен квалитет и висока додадена вредност. На ваков начин, остануваме доследни на нашата стратешка определба за континуирано збогатување на понудата и во сегментот на производство на ограничени количини префинето вино. Истовремено, горди сме што на вистинските вински сладокусци и колекционери во земјава и странство ќе им понудиме една уникатна винска икона“, вели генералниот директор на ВВ Тиквеш, Игор Илиевски.

Како и останатите ексклузивни вина од овој премиум бренд, во процесот на создавање на Домен Лепово Гранд Куве се вградени најдобрите практики на француската винска школа и знаењето на светски реномираниот вински мајстор Филип Камби.

033693bd-f11f-409f-bcbe-feef89532803Целокупниот процес на производство се одвива во бутик винарницата Домен Лепово, која е во рамки на самиот посед каде се лоцирани лозјата, со што е овозможена максимална контрола на квалитетот. Поседот Лепово е сместен во предел во кој природата е вистински наклонета за одгледување грозје и каде сонцето, водата, климатските услови и почвата, сѐ во совршен баланс, идеален за производство на префинети вина. Локалитетот се карактеризира со суб-медитеранска клима, со долги сончеви и топли денови и кратки и релативно топли ноќи во периодот од јуни до крајот на октомври, кога грозјето ја добива својата полна зрелост. Лозјата на локацијата Лепово се на надморска висина од 250 метри. Поради близината до реката Вардар тие се изложени на постојан благ, топол ветар Повардарец, кој го носи влијанието на медитеранот и овозможува лозовите насади да бидат во совршена здравствена состојба, што придонесува за постигнување висок, константен квалитет на грозјето.

Огромно влијание врз екстра високиот квалитет на ова вино има и изборот на грозјето. Во овој сегмент, направен е внимателен избор на секој грозд и редукција на приносот по хектар, со оставање на два најдобри грозда по лоза, со што е овозможена максимална концентрација на аромите и вкусовите во виното. Дополнително, за моќните својства и ароми на ова вино придонесува и неговото одлежување во времетраење од 18 месеци што се одвива во специјални (ICON) француски барик буриња кои се користат само за виното од една берба. За секоја наредна берба се користат нови буриња.

Сите овие елементи придонесуваат за ексклузивноста на Домен Лепово Гранд Куве, кое се произведува во лимитирана серија од 20.000 шишиња. Поради атрактивноста и извонредно високиот квалитет, ова вино е позиционирано во високиот ценовен сегмент и ќе биде достапно само на најзначајните светски пазари, како и во ограничен број угостителски објекти и неколку специјализирани продажни објекти во земјава. Поради својата уникатност и висока вредност, ова вино е совршен ексклузивен подарок.