Новогодишна хуманитарна акција на ЕВН Македонија и Црвениот крст

74

IMG_0151

ЕВН Македонија и Црвениот Крст почнаа да ја реализираат новогодишната хуманитарна акција Да споделиме радост, во која обезбедија новогодишна претстава и подароци за над 700 деца низ цела Македонија.

Децата од социјално загрозените категории, децата со пречки во развојот и инвалидитет, штитеници на домови за грижа на деца, згрижувачки центри за деца од улица и други ранливи категории од повеќе градови низ земјава ќе имаат можност да уживаат во новогодишни претстави, фотографирања со Дедо Мраз и новогодишни пакетчиња со училишен прибор, ранци и слатко изненадување.

Акцијата почна од Скопје со детската претстава во Театарот за деца и младинци и доделувањето на новогодишни пакетчиња за децата од дневниот центар за деца од улица, дневниот центар за целебрална парализа и од центарот за поддршка на ранливи категории деца од населба Ченто. Новогодишните пакетчиња на децата им ги поделија менаџерката за комуникации на ЕВН Македонија, Ленче Карпузовска, и претседателката на Црвениот Крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска.

“Божиќните и новогодишните празници се време кога се прославува радоста, семејството, новиот почеток во новата година. На овие празници најмногу и најискрено им се радуваат децата. Затоа ЕВН Македонија и оваа година заедно со Црвениот Крст ќе допре до срцата на сите деца низ земјава на кои им е потребно внимание и поддршка. На овој начин ја продолжуваме и ја продлабочуваме соработката и сакаме да покажеме дека како компанија се грижиме за нашите најранливи категории”, рече Карпузовска.

Претседателката на Црвениот Крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска, оцени дека ЕВН е вистинскиот партнер кој секогаш знаел да ја оцени вистинската идеја и да даде поддршка на проектите на Црвениот Крст.

Хуманитарната акција на ЕВН Македонија и Црвениот крст ќе трае до 26 декември, почна во Скопје, а ќе продолжи низ цела Македонија.