Апликацијата NowPark.me која помага да се пронајде најблиску паркинг место до зададена локација изработена од студентите Јордан Крстевски и Ивана Талевска е првонаградена на Хакатонот за отворени податоци што се одржа од 3 до 26 јуни во организација на Канцеларијата на Мајкрософт во Македонија, пишува Миа.
Учесниците на натпреварот, поддржан од Министерството за информатичко општество и администрација, развиваа апликации со користење отворени владини податоци.
“Работевме на апликација за паркирање која што овозможува да се реши големиот проблем со паркинг местата во метрополата. Познато е дека во Скопје постојат околу 200.000 автомобили, а има 20.000 расположливи паркинг места, така што нашата апликација би требало да овозможи полесно наоѓање на најблиското паркинг место во реално време“, изјави Талевска.
Апликацијата, појасни, ќе овозможи интеракција меѓу корисниците, односно приватни лица да можат да го нудат своето слободно паркинг место на корисници на кои ќе им биде потребно.
Според Талевска, за заживување и комерцијализација на апликацијата ќе биде потребна нејзина презентација. Размислуваат и за отворање своја компанија која ќе работи на развивање повеќе апликации за решавање општествени проблеми.
Второнаградена на натпреварот е апликацијата Smartphonebook која помага корисникот да дознае кој од неговите контакти го променил операторот со што ќе се знае колку од прилика ќе го чини повикот. Третонаградена е апликацијата Culture Afp, изработена од Кристијан Арсовски и Дарко Котовски која нуди преглед на сите театри и кина во Македонија.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на доделувањето на наградите истакна дека на учесниците на натпреварот им беа на располагање 154 бази на податоци од институциите. Со отворањето на овие бази на податоци, според Ивановски, Македонија е лидер не само во регионот, туку и пошироко за што има признание од Институтот за отворени податоци.
Статистиката покажува дека заклучно со денес најискористена е базата за адресар на детски градинки со 294 преземања, по што следи Буџетот на РМ со 105 преземања и адресарот на приватни детски градинки со 93 преземања.
Извршниот директор на Канцеларијата на Мајкрософт во Македонија најави дека натпреварот Хакатон за отворени податоци ќе стане традиционален. Креаторите на наградените апликации добија награда мобилни телефони.