НУК бара помош за угостителите од фирмите кои организираат предновогодишни забави

22

Инвестирам за да помогнам гласи слоганот на новата кампања на Независната угостителска комора (НУК), со која целта е да се поттикнат фирмите, со дел од буџетот кој го планираат за предновогодишните забави, да го пренаменат или донираат во угостителскиот сектор или тоа да го сторат на начин што ќе покаже дека ги поддржуваат угостителските работници Мојот омилен угостител затоа што и тој Заслужува поддршка.

Како што е наведено во соопштението од НУК, во декември, угостителскиот сектор работи врз база на предновогодишни забави и свечености, за кои, како што велат од таму, секоја година се трошат повеќе од 20 милиони евра буџет, кој оваа година ќе остане неискористен или ќе биде пренаменет за други работи.

Сите ние како што велат од НУК, покрај Владата можеме да помогнеме во опстанокот на вашите омилени угостители.

“Денес македонскиот угостителски бизнис оставен на времето и сам на себе, навреден и деградиран, игнориран од државата и мерките за финансиска помош и поддршка од Владата, полека но сигурно ја губи битката со Ковид-19. Се повеќе угостители поради несоодветните и рестриктивни мерки на Владата за ограничување на работното време и посебните услови и протоколи за работа донесени по предлог на Комисија за заразни болести последните месеци не остваруваат доволно приходи, поради што генерираат енормни загуби и веќе не ја гледаат својата иднина во овој бизнис.Оставени сами на милост и немилост без конкретна и директна помош и поддршка што Владата можеше изминатите месеци да ја направи за нив, го чекаат денот кога ќе бидат доведени пред колапс и приморани трајно да ги затворат своите локали и да се откажат од своето минато, својот труд и својата иднина“, вели Здравко Јосифовски, претседател на НУК.

Од комората очекуваат финансиските институции, банките, осигурителните компании, телеком друштвата и сите останати кои оваа година ќе остварат добивки со планираните средства за предновогодишната прослава и забава да се приклучат кон кампањата и ги инвестираат или донираат во целост буџетите за предновогодишните прослави за опстанок на угостителската индустрија и омилениот угостител.

Фото: Freepik