Јапонскиот производител на автомобили Nissan и британското дизајнерско студио Hardie создадоа електрична мобилна канцеларија на четири тркала. Тие го трансформираа електричното возило e – NV 200 во првата мобилна канцеларија e – NV 200 workspace, пишува Designboom.
Освен што е еколошко, возилото е опремено со маса на расклопување, компјутер со екран на допир, безжичен интернет, можност за безжично полнење на мобилен телефон, Bluetooth, аудио систем, LED осветлување што се контролира преку апликација, мини фрижидер и апарат за кафе.
Доколку временските услови дозволуваат, може да се отворат вратите и да се извлече платформата со чија помош се зголемува корисната површина на канцеларијата.
На задната врата е поставен и велосипед на расклопување, којшто може да послужи како здрава рекреација по напорниот работен ден.
Ваквиот вид на возила можат да им бидат од голема корист на оние кои немаат канцеларија, можат да работат од дома или на кое место и да посакаат. NV 200 workspace ги има сите потребни елементи за непречена работа без оглед на местото каде се наоѓа.