Обама ја номинираше Џенет Јелен за гувернер на Фед

43

yellenАмериканскиот претседател Барак Обама ја номинираше вчера Џенет Јелен за нова претседателка на американската централна банка (Federal Reserve). Таа ќе го замени сегашниот гувернер Бен Бернанке, чиј втор мандат завршува на 31 јануари 2014 година.

Обама во говорот по повод номинацијата ја пофали Јелен, нарекувајќи ја силен лидер и го истакна предупредувањето што го даде за кредитниот балон во 2007 година.

Се очекува Сенатот без проблеми да го потврди нејзиниот избор.

“Џенет е исклучително квалификувана за оваа улога. Таа нема кристална топка, но има одлично разбирање за функционирањето на пазарите и економијата, не само во теорија, туку и во реалниот свет”, изјави Обама во Белата куќа.

Јелен кажа дека САД оствариле напредок во заздравувањето од финансиската криза, но дека мора да се стори уште.

“Премногу Американци се уште не можат да најдат работа и се загрижени како ќе ги плаќаат своите сметки и ќе се грижат за своите семејства. Централната банка може да помогне доколку ефикасно ја работи својата работа”, рече Јелен.

Јелен ќе биде првата жена на чело на Фед, а имајќи ја в предвид нејзината тенденција да се фокусира повеќе на вработувањата, а помалку на инфлацијата, економистите очекуваат таа да продолжи со политиката на нејзиниот претходник.