Обединетите Арапски Емирати планираат да инвестираат 40 милијарди евра во Германија

Обединетите Арапски Емирати планираат да инвестираат 40 милијарди евра во Германија, објавија  претставници на Емиратите и германската влада за време на државната посета на Германија од страна на претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед.

Според заедничката изјава на двете земји, дел од инвестицијата е наменета за нови центри за податоци, објави „Шпигел“.

Бин Зајед  ја започна дводневната државна посета на Германија, а во Берлин беше пречекан со воени почести од страна на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Министерот за индустрија и напредни технологии на ОАЕ, Султан Ал Џабер, изјави дека Германија е важен стратешки и економски партнер на неговата земја со децении.

Планираните дополнителни инвестиции ја потврдуваат намерата на Емиратите дополнително да ги развиваат овие односи, според „Шпигел“.

„Надоградувајќи се на постојните инвестиции во Германија во вредност од 34 милијарди евра, ќе ги поддржиме оние индустрии, технологии и квалификувани работни места што ќе го поттикнат идниот раст и конкурентност“, рече министерот.