Министерството за транспорт и врски соопшти дека македонско-бугарската мешовита комисија за меѓународен патен сообраќај, потпиша протокол со кој е договорено годинава да се размени дополнителен контингент од 50 транспортни дозволи за и од трети земји.
Планирано е во 2013 година да биде разменета прелиминарна квота од по 1.150 дозволи за и од трети земји за превозниците од двете земји. Тоа е за 15% повеќе од досегашниот контингент дозволи што се разменуваа.
Од министерството информираат дека постојано се одржуваат состаноци на мешовитите комисии за меѓународен патен сообраќај. На овие состаноци се разгледува дополнувањето на квотите на транспортни дозволи и либерализирање на превозот со земјите со кои остваруваме економска размена.
Ваквите активности се одвиваат со цел да се овозможи непречен транспорт за македонските транспортери. Македонија веќе има целосна либерализација на превозот со Чешка, Словачка, Велика Британија, Швајцарија, Унгарија и Босна и Херцеговина.
Досега во 2012 година обезбедени се дополнителни дозволи со Италија, Бугарија, Романија, Турција, Србија и други.