На 19.09.2024 година, во просториите на Македонска берза, во коорганизација на Берзата и PwC Македонија, се одржа нов редовен состанок со компаниите, членки на Клубот БУМ (Берзата и Успешните во Македонија). Покрај постојните членки во БУМ Клубот, на настанот беа поканети и присуствуваа основачи и/или наследници на основачите од редот на најуспешните семејни компании во Република Северна Македонија.
Пред присутните, специјална презентација имаше г-ѓа Ewelina Grzelak од PwC Полска, докажан експерт со над 15 години искуство во развивањето на семејни претпријатија, водечки авторитет во изработката на иновативни решенија за наследување на семејни бизниси и ко-основач на клубот Sukcesora на PwC. Г-ѓа Grzelak навлезе во клучни теми како што се планирање на сукцесијата кај семејните бизниси, усогласување на меѓугенерациските визии за иднината на бизнисот и вклучување на пошироки семејни групи во одлучувањето.
Во рамките на дисусијата Иван Мишев и Васко Соткароски од PwC Македонија се фокусираа на правните механизми за планирање и имплементација на сукцесија на семејните бизниси во македонскиот правен систем. Илчо Лазарески од Македонска берза подетално говореше за тоа како излегувањето на берза би можело да ги реши прашањата на сукцесија во компаниите. Интересните дискусии и споделените искуства обезбедија корисни насоки за сите учесници во насока на градење на одржливи мултигенерациски семејни бизниси.
Во БУМ Клубот членуваат дваесетина домашни компании од различни сектори. Клубот официјално започна со работа минатата година. Целта на неговото формирање е стратешка поддршка на домашните компании за нивен одржлив раст на долг рок, обезбедување на специфичен know-how и комуникација со останати компании, организаторите и партнерите на клубот, како и со избрани релевантни регионални субјекти. Клубот примарно настојува да помогне во поврзувањето на инвеститорите и компаниите – членки на Клубот, со акцент на финансирање на бизнисите преку пазарот на капитал.
Состаноците на клубот се организираат квартално.
Компаниите кои сакаат да станат членки на овој Клуб може да поднесат апликација за членство во Клубот.