Oбјавeн јавниот повик за доделување субвенции за купување инвертер клима уреди

59

Градот Скопје го објави јавниот повик за доделување субвенции за купување инвертер клима уреди во 2021 година, а граѓаните ќе може да аплицираат онлајн.

На повикот може да аплицираат лица кои ги исполнуваат предвидените услови, а ќе можат да аплицираат сите оние што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 01.01.2021 година и се жители на Град Скопје (општини Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај). Повикот ќе биде отворен до 01.11.2021 година или денот на исцрпување на средствата.

На граѓаните ќе им бидат надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ, а може да аплицираат на https://aplikacii.skopjelab.mk/inverteri доколку апликантот претходно не добил субвенции за затоплување со печки на пелети или инвертери).

Треба да ги доставите следните документи:

-Важечка лична карта;

– Нотарски заверена изјава дека доброволно ја предава печката која ја користи;

– Потврда за ефикасноста на инвертер клима уредот;

– Трансакциска сметка;

– Фискална сметка или потврда за купувањето;

– За одделни домаќинства на иста адреса потребни се сметки од различни броила за електрична енергија;

– За домаќинства кои се во реони на централно градско греење потребна е потврда дека не се приклучени и немаат техничка можност за приклучок;

*документите треба да бидат скенирани

 

Повеќе информации за јавниот повик на македонски јазик на линкот – https://skopje.gov.mk/media/6734/javen-povik-za-subvencii-za-inverter-klima-uredi-2021.pdf

Повеќе информации за јавниот повик на албански јазик на линкот – https://skopje.gov.mk/media/6738/javen-povik-za-subvencii-za-inverter-klima-uredi-2021-alb.pdf

Средствата предвидени за овие субвенции се добиени од Владата на Република Северна Македонија, односно во 2020 година Град Скопје доби средства во висина од 322.400.000,00 денари. Во годинешниов јавен повик ќе бидат користени нереализираните средства од минатогодишниот јавен повик или сума во износ од 107.404.074,00 денари.

Овие субвенции се дел од мерките што Градот Скопје ги има предвидено во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Градот. Согласно со многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено го постигнуваат максималното задоволство при затоплувањето на домовите.