Објавен повик за земјиштето во Џумајлија

24

Објавен е повикот за давање под закуп на државното земјоделско земјиште во Џумајлија. Површината од вкупно 4.000 хектари е поделена на четири целини. Во првата, инвеститорот е должен да изгради краварска фарма за максимум четири години, односно да вложи најмалку шест милиони евра, пишува Миа.

Како што соопшти денеска на прес-конференција ресорниот заменик – министер Ванчо Костадиновски, земјиштето од првата целина се дава во закуп на 15 години, а од останатите три целини на различен период зависно од намената – ако се употребува за одгледување долгогодишни насади (лозје, овошки) над 30 години, за житни култури 15 години, за маслинарници 50 години, за лешници 70 години,…

Во овие три целини, објасни Костадиновски, инвеститорот мора да вложи најмалку два милиона евра во преработувачки капацитет, кој ќе им биде на располагање и на земјоделците од другите региони.

“Минималната почетна цена за електронското јавно наддавање ќе биде 70.000 до 100.000 евра по целина. За прва и втора класа земјиште минималната цена е 120 евра за хектар, за трета и четврта класа 90 евра, за петта и шеста 80 евра и за седма и осма класа е 60 евра“, истакна заменик – министерот.

Тој информира дека е објавен оглас за давање под закуп државно земјоделско земјите и во уште три региони – Струга, Струмица и Ресен.

Повикот за земјиштето во сите четири региони ќе трае 60 дена.