Обврски на осигуреникот во момент на склучување на договор

143

Законската обврска на одделни осигуреници за задолжително осигурување од определени ризици, ја создава и облигаторната обврска за осигурување од тие ризици. Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ги обврзува сопствениците на превозни средства пред да го пуштат превозното средство во сообраќај да склучат договор за задолжително осигурување со друштвото за осигурување кое има дозвола за вршење работи за задолжително осигурување.

Ако не ја изврши оваа обврска, односно ако не го склучи договорот за задолжително осигурување, правното лице сопственик на превозното средство ќе се казни за прекршок со глоба во износ од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност, а одговорното лице во правното лице со глоба во износ од 500 до 800 евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице доколку истото како сопственик на превозно средство не склучи договор за задолжително осигурување.

Должност за пријавување на околностите значајни за оцена на ризикот

Договарачот на осигурувањето е должен при склучување на договорот да му ги пријави на осигурувачот сите околности што се од значење за оцена на ризикот, а што му се познати или што не можеле да му останат непознати. Под околности значајни за оцена на ризикот се подразбираат факти, околности, состојби и сè друго што е од значење и влијание за ризикот што се осигурува и настапување на осигурениот случај.

Тие можат да бидат од различна природа, но главно можат да се именуваат како околности од објективна и околности од субјективна природа и се оценуваат за секое осигурување посебно. Како околности од објективна природа, на пример, се: постоење на складиште бензин во или до куќата што се осигурува од пожар; дали куќата се грее на плин или на струја итн. Околности од субјективна природа, на пример, се: какво е минатото на осигуреникот, дали е склон на противправни поведенија, измамник, пироман, претходно се обидел да се самоубие итн. Што се тоа околности значајни за оцена на ризикот се оценува според видот на осигурувањето воопшто и во секој конкретен случај посебно. Пример: тоа што во подрумот на куќата има складиште со нафта за греење на домаќинството е значајна околност за осигурување од пожар, а ирелевантна за осигурување од поплава итн.

Пријавување на околностите од значење на ризикот претставува законска обврска кај доброволното осигурување, со оглед на тоа што истата е предвидена во Законот за облигационите односи. Нормално и целисходно е предвидување на оваа обврска за договарачот на осигурувањето од причини што околностите кои влијаат на ризикот што се осигурува се токму тие од кои зависи дали осигурувачот со оглед на нив ќе склучи договор за осигурување или не и, ако склучи, колкава треба да биде премијата на осигурување за покривање на осигурениот случај. Должноста за пријавување на околностите значајни за оцена на ризикот законодавецот не ја предвидува само за договарачот на осигурувањето, туку и за субјектите кога договорот се склучува од името и за сметка на друг, во корист на трет или за туѓа сметка, или за сметка на оној на кого се однесува, ако овие лица знаеле за неточноста на пријавата или за премолчувањето на околностите од значење за оцена на ризикот.

Друштвата за осигурување, вообичаено, за сознавање на околностите валидни за оцена на ризикот подготвуваат посебни прашалници, односно пријави кои ги пополнуваат договарачите на осигурувањето. И покрај тоа, договарачите се должни до колку им се познати, односно не можат да им бидат непознати, да пријават и други околности кои не се содржани во прашањата во пријавата, односно прашалникот, ако се тие од значење за оцена на ризикот.

Договарачот на осигурувањето е одговорен за дадените податоци за околностите значајни за оцена на ризикот, без разлика дали сам го пополнил прашалникот/пријавата или нив ги пополнил некој друг, а тој само ги потпишал. Во исполнување на обврската (должноста) на осигуреникот за пријавување на осигурувачот на сите околности што се од значење за оцена на ризикот, осигуреникот може совесно да ја исполни својата обврска, може намерно да премолчи или неточно да пријави некоја или некои околности или ненамерно истите да ги пријави или премолчи. Во зависност од неговото однесување и последиците по договорот за осигурување се различни.