Денеска во Брисел се одржа состанок на министрите за енергетика на ЕУ, на кој е постигнат договор за намалување на побарувачката на гас оваа зима.
– Ова не беше невозможна мисија! Министрите постигнаа политички договор за намалување на побарувачката на гас пред претстојната зима, се вели во твитот.
Министрите се согласија дека намалувањата може да бидат обврзувачки во итни случаи, но земјите се согласија да изземат некои членки на ЕУ, како и индустрии, откако некои влади се спротивставија на првичниот предлог на Европската комисија, пренесе Ројтерс.
Германскиот министер Роберт Хабек рече дека договорот му покажал на Путин дека Европа останува обединета пред најновиот пресврт на Москва во однос на снабдувањето со гасот.
– Нема да не поделите, рече Хабек.
Два извори потврдија за Ројтерс дека Унгарија е единствената членка која отворено се спротивстави на договорот.
План на Европската комисија
Планот претставен од извршната власт на ЕУ минатата среда вклучува намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто од 1 август годинава до 31 март 2023 година.
Како дел од овој предлог, земјите-членки ќе треба да поднесат национални енергетски планови до Комисијата до крајот на септември и да обезбедуваат ажурирани информации на секои два месеци.
Членовите кои бараат солидарни испораки на гас ќе треба да покажат и какви мерки се преземени за намалување на домашната потрошувачка на гас.