Од 1 мај задолжително “Закажи средба“ за даночните обврзници во УЈП

20

Управата за јавни приходи потсетува дека од 1 мај услугите на УЈП – Регионална дирекција Скопје ќе бидат достапни само доколку странката претходно закажала средба преку Инфо центарот на УЈП или преку интернет. Услугата е задолжителна за сите странки кои ќе ги користат даночните услуги во УЈП – Регионалната дирекција Скопје.

Услугата Закажи средба овозможува секоја странка да закаже термин за средба со даночен агент во УЈП – Регионална дирекција Скопје во време кое нему му одговара, според расположливите термини, а со цел консултација од даночната сфера, и тоа: добивање на општи информации за рокови, начини за пријавување и плаќање даноци; отворање на бизнис и регистрација на даночен обврзник; консултации за издадени даночни документи; утврдување на даноци; постапки за наплата на долгови; правни прашања и консултација за други специфични прашања.

Закажувањето на термин за средба во УЈП – Регионална дирекција Скопје може да се врши преку Инфо центарот на УЈП 0800 33 000 или 02/3253 200 или он-лајн преку веб страницата на Контакт центарот kontaktcentar.ujp.gov.mk која овозможува пристап до услугата „Закажи средба“.
Странката, односно даночниот обврзник или сметководителот што закажал средба во УЈП – Регионална дирекција Скопје, а не е во можност да присуствува на закажаниот термин, потребно е средбата да ја откаже или да ја презакаже за друг достапен термин преку Инфо центарот или он-лајн.

Целта на оваа новина е подобрување на даночните услуги, намалување на времето на чекање, намалување на метежите на даночните шалтери, навремена услуга и точен одговор за даночните обврзници.