Од 20-те најпаметни градови во светот, ниту еден од Америка

39

Паметните градови се урбани населби каде модерните технологии се користат за подобрување на животот на нивните жители и елиминирање на недостатоците на урбанизацијата.

Барем така е дефиницијата на независниот институт ИМД, кој спроведува истражувања и нуди консултантски услуги на раководителите на компаниите, како и на државите и локалните власти. Тој, исто така, секоја година составува листа на најпаметните градови во светот.

Во 2024 година, дури седум од 10-те градови на врвот на таа листа се од Европа. Од 142 градови вклучени во овој избор, најдобро рангирани се оние во региони каде што социјалното и економското опкружување е предвидливо, и кои водат голема грижа за квалитетот на животот на своите жители. Вложуваат многу во нивното озеленување, се трудат да им овозможат различни можности на своите граѓани и да го поттикнат нивното дружење, односно да се грижат за социјалните аспекти од нивниот живот. Нивниот приоритет е привлекување и задржување таленти и експерти од различни области, како и инвестирање во иновации и намалување на нееднаквоста.

На чело на оваа листа е Цирих, а потоа следуваат Осло, австралискиот град Канбера, Женева, Сингапур, Копенхаген, Лозана, Лондон, Хелсинки и Абу Даби.

За прв пат по објавувањето на оваа листа, нема американски градови на врвот на табелата. Од топ 20 испаднаа Вашингтон, Денвер, Лос Анџелес, Сан Франциско, Њујорк и Чикаго. Во моментов најдобро рангиран американски град е Њујорк, кој се наоѓа на 34 место на листата на најпаметни градови.

Европските градови обично се на врвот на оваа листа, но интересно е што полека ги надминуваат азиските градови. Меѓу нив најдобро рангирани се Сингапур (5), Пекинг (13), Тајпеј (16), Сеул (17) и Шангај (19).