Правилникот за материјалите и производите кои доаѓаат во контакт со храната од денес стапува на сила.
Правилникот се однесува на општите барања за материјалите кои компаниите ги користат при манипулирањето со храната, гума, пластика, дрво, стакло, синтетички смоли, премази, восоци, силикон…
Како што известува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), досега барања за одобрување и авторизација на вакви материјали и производи доставиле преку 100 компании, производители и увозници.
Дозволени се пластика, стакло, дрво, но има одредени барања што производителите или увозниците треба да ги исполнат за да добијат позитивно мислење од АХВ.
“Од поднесените барања на операторите со храна досега се решени 31, а за неколку од нив Агенцијата е во постапка на завршување зашто недостига одредена документација. Ако биде одбиено барањето заради неисполнување на условите, на компаниите нема да им биде дозволено користење на материјалите. Доколку, пак, бидат затекнати дека го користат производот без оодбрување, ќе следат парични санкции”, велат од АХВ.
Досега разгледаните барања не предизвикале дополнителни финансиски оптоварувања за фирмите. Сепак тоа може да се случи кај оние што нема да добијат одобрувања бидејќи ќе мора да ја сменат амбалажата.
Од Агенцијата најавуваат дека до крајот на годинава ќе биде изготвен и правилникот за нови технологии и материјали т.н. паметни материјали со што ќе се заокружи целата рамка во делот на материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храната.