Од денеска започнува пријавувањето за вакцинација

37

Интернет страницата vakcinacija.mk преку која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против Ковид-19, треба да профункционира од денеска.

“Секој сам ќе може да се пријави, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кои се приоритетни“, информираше министерот за здравство Венко Филипче.

Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот Мој термин.

Утврдено е како ќе се спроведува процесот на вакцинација против Ковид-19. Капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.

Во согласност со капацитетот на здравствениот кадар, во некои поликлиники и здравствени домови ќе има по повеќе вакцинални пунктови кои ќе работат во две смени за да може да се имунизираат поголем број граѓани.

“Конкретно, конкретен пример, поликлиниката Јане Сандански, две смени во три пункта, што значи дека 240 луѓе на ден ќе може да се вакцинираат согласно физичките параметри на просторот – влез, излез, немешање, еден одреден период од 10-15 минути коишто после вакцинација граѓаните треба да почекаат заради евентуална појава на алергиска реакција, што е вообичаена постапка при вакцинација, се прави тој распоред“, додаде Филипче.

Фото: Pixabay