Од Македонија до Кина: Животот без ризик едноставно нема смисла

66
naslovna
Катерина Грујиќ, основач на брендот за цртани филмови АЛБА, Кина

Понекогаш е многу лесно да го пронајдете своето место под сонцето во светот на бизнисот, но понекогаш е потребно да се направи најтешкото за да откриеме каде навистина припаѓаме. Ваква е приказната на Катерина Грујиќ, по потекло од Македонија,  која во 2007 година презеде голем животен ризик и замина за Кина. Во култура којашто е толку различна од она на што сме навикнати, странците многу често се среќаваат со тешкотии при обидот за навигирање во деловните сфери. И покрај сето ова, Катерина презеде уште поголем ризик – овој пат реши да започне свој бизнис во земја каде што познанствата со вистинските луѓе се клуч за успех. Со малку среќа, вистински партнер, многу напор и упорност, авантуристичкиот дух може да постигне успех дури и кога се чини дека тоа е невозможно.

БИ: Како ве донесе патот во Кина и како ја започнавте својата претприемачка приказна?

Пред самото дипломирање на УКИМ учествував на натпреварот по кинески јазик, каде што добив стипендија за студирање кинески јазик на факултетот за јазик и култура во Пекинг. Гледајќи како Кина сè побргу се развива и какви можности нуди, се одлучив по завршувањето на студиите да останам на работа. На почетокот пробав од сѐ по нешто – работев во мали и големи, кинески и странски компании, а во меѓувреме хонорарно работев и како инструктор по англиски јазик за бизнисмени што многу ми помогна да се запознам со кинеската култура. Во Кина го запознав и мојот вереник Вали, по потекло од Америка. За три години работа напредував многу брзо и добив многу добра позиција во компанијата Fortune 500. Иако оваа работа беше стабилна, нудеше примамливи бенефиции и одлична перспектива за во иднина, набргу сфатив дека таквата работа не е за мене. Познавајќи се себеси како личност што е во константна потрага по предизвик и нешто ново, решив да ја оставам работата и да започнам свој бизнис. Во 2013 година заедно со мојот вереник Вали, кој е уметник, го основавме нашиот бренд АЛБА – студио за цртани филмови и креативен дизајн. Јас сум задолжена за бизнис менаџмент, додека Вали е во креативниот оддел.

ALBA  2

БИ: Од каде идејата за ваков бизнис и што всушност претставува АЛБА?

Нашата првична идеја воопшто не беше поврзана со цртани филмови. Додека размислував за мојот прв деловен потфат, се сетив дека мојот партнер има многу свои цртежи/дизајни коишто многу убаво би изгледале на маички, па решивме да почнеме како А.Л.Б.А. – бренд за маички којшто постепено прерасна во бренд за облека. Значењето на А.Л.Б.А. е скратеница од англиски и всушност е игра на зборови: A Little Bit Apparel, што ако брзо го изговориме, наместо зборот apparel (облека) се слуша зборот of peril, што значи опасност, авантура. Во превод А.Л.Б.А. значи Дајте малку авантура, а нашиот слоган е Живот без авантура едноставно нема смисла ( Life isn’t fun without a little bit Apparel).

Маскотата на нашиот бренд е “олицетворение на Смртта“ наречен Морт. Зошто одбравме Смрт како маскота за креативен бренд? Затоа што Морт нè охрабрува да преземеме малку ризик и да направиме нешто значајно со нашите животи. Морт ни вели: најстрашното нешто што може да ни се случи не е смртта, туку празен, монотон и нереализиран живот. Оттука и потекнува идејата да го дизајнираме Морт како сладок и впечатлив. Од една страна, затоа што во животот најинтересни и најнезаборавни се оние моменти кога ќе посегнеме кон малку ризик, додека од друга страна допадливоста многу добро резонира кај Кинезите и помага на полесен начин да се прими пораката и вредностите што се претставени преку Морт. Морт како маскота достигна популарност преку нашиот прв комичен стрип, онлајн емотикони, интернационалниот фестивал за цртани филмови (Хангџоу), како и медиумски репортажи и привлече многу фанови кои се придружија кон нашата онлајн заедница и постојано ги изразуваа своите желби да го видат Морт во цртани филмови. Одлучивме дека најнапред треба да произведеме серија на цртани филмови каде што гледачите ќе можат преку многубројни приказни да ги запознаат нашите маскоти, додека гледачите од останатиот дел на светот ќе можат на еден интересен начин да дознаат што е тоа што ја прави кинеската култура толку различна од нашата.

Освен Морт, досега имаме креирано повеќе од 10 други маскоти, коишто се озлогласени ликови од кинеската митологија и на еден хумористичен начин во нашата приказна симболизираат и се рефлексија на типични ликови од сегашното кинеско општество.

ALBA  9

БИ: Што сè е потребно за да се започне бизнис во Кина? Со оглед дека станува збор за една многу поразлична култура, што е тоа што Кина го нуди за младите претприемачи и како таму функционираат работите?

ALBA  18Ние имавме голема среќа – токму кога почнавме во 2013 година, Владата донесе нов закон за поддршка на претприемништвото како државна стратегија за економски развој. Со овој закон повеќе не е потребно да се регистрира капитал за да се отвори фирма, а даноците, особено за индустриите поврзани со креативноста, драстично се намалени.

Сè почна кога владата во Пекинг отвори платформа за услуги и обука на млади претприемачи во една мала уличка. Во уличката се отворија многу кафетерии, чија функција не беше само угостителски услуги, туку и користење како канцелариски простор, место за деловни обуки, каде предавачите/менторите најчесто се познати инвеститори и извршни директори на големи компании, а воедно и остварување деловни контакти – бизнис партнерства, како и поврзување со потенцијални инвеститори итн. Сето ова по цена на една шолја кафе. Оваа улица се вика ИННО Веј, а кафетериите се деловни инкубатори, чии основачи се најчесто познати владини инвеститори. Преку овие инкубатори дознавме дека во Кина се организираат многу натпревари за претприемачи. Во 2015 година учествуваме на три натпревари, а на последниот, во ноември, освоивме второ место. После сите победи добивме бесплатен канцелариски простор, финансиска помош, многубројни медиумски репортажи, како и помош од страна на инкубатори во наоѓање инвестиција. Владата во Пекинг сними и краток филм во врска со нашата претприемачка приказна со цел да охрабри и други млади луѓе од светот да почнат свој бизнис во Кина.

БИ: Планирате ли некакви други слични или различни подвизи? Дали можеби размислувате за некаков бизнис надвор од Кина?

Да. Се надеваме дека АЛБА ќе стане првиот квалитетен кинески бренд за цртани филмови, којшто има корени во кинеската култура, но е познат во целиот свет. Во кратки црти, нашата замисла за во иднина е нашата прва интелектуална сопственост Крајни дестинации да прерасне во нешто слично како што е Дизни – односно како што Америка го има Мики Маус, така Кина да ги има Морт и Бела и целиот свет да ги препознава како ликови од кинески цртани филмови и да ужива гледајќи ги.

Од лична страна, инспирирана од сите ментори кои ми помогнаа да стигнам до овде, планирам да напишам книга преку која би го споделила ова искуство што го стекнав со сите луѓе што сакаат да се изборат за да успеат во животот. Искуството што досега го стекнав ме научи на многу нешта, не само во областа на бизнисот, туку и во другите области во животот.

ALBA  22

БИ: Што би ги посоветувале нашите читатели?

Пред две години почнав од нула, го имав само својот сон. После толку многу напор и упорност, многу ми е драго што гледам дека сега мојот сон е сон и на многу луѓе во Кина. Најнапред би сакала да ги охрабрам сите читатели да го внесат мотото на АЛБА во своите животи – Без ризик, животот едноставно нема смисла, и би им препорачала на сите луѓе што имаат свој сон, да го следат и да не се плашат да ризикуваат. Најголемата тајна што ја открив за сето ова време поминато во патешествието кон создавање на АЛБА е дека можеме да станеме сè што ќе посакаме, но не сме свесни за тоа. Во овие две години можам да кажам дека најстрашното нешто беше одлуката да се почне. Откако ја донесов оваа одлука, се чувствував како да сум тргнала на ново патување, авантура, каде нормално некогаш се доживуваат успеси, а некогаш се учи од грешките. Со преземање ризици, ние ги истражуваме своите доблести и таленти, се пронаоѓаме себеси и учиме нови работи за светот што нè опкружува. Ризикот ни помага да се пронајдеме себеси, да бидеме похрабри, покреативни и ни овозможува побрзо да созрееме.

Ако имате свој сон, не чекајте да дојде идеалниот момент за негова реализација, затоа што не постои идеален момент. Зграпчете го денот, бидете свои и доследни на себе. Осмелете се да сонувате за невозможното и насочете ги своите страсти и енергија кон остварување на сништата.