Од март пензинерите со повисока пензиja за 600 денари

44

Пензионерите во март годинава ќе добијат покачување на пензиите за 600 денари. Средствата во висина од една милијарда и 800 милиони денари за оваа намена се обезбедени во Буџетот.
Ова е договорено на денешната средба на министрите за финансии и за труд и социјална политика и претставници од Сојузот на здруженија на пензионери.
“Со ова сме единствената земја, не само во регионот, туку и во Европа, која успеа во вакви тешки времиња кога се чувствуваат последиците од кризата, не само да ги заштитиме пензионерите, да не се зголемува старосната граница и редовно да се исплаќаат пензиите, туку и да извршиме зголемување на пензиите за износ кој е значителен ако се има предвид колкави се финансиите можности на државата. Смогнавме сили да направиме покачување на пензиите во следните 10 месеци и тоа ќе влезе во основицата и за следната година за кога доколку има можности се планира дополнително покачување на пензиите”, истакна на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Според него, ликвидноста на Буџетот е добра и затоа ќе продолжи редовната исплата на пензиите, зголемувањето на социјалните надоместоци и сите обврски кои произлегуваат од Буџетот.
Покрај оваа мерка, вицепремиерот Ставрески напомена дека Владата им помага на пензионерите да го подобрат животниот стандард и со низа други мерки како што се намалувањето на цените на лековите, бесплатното лекување за оние со пониски пензии и бесплатниот престој во бањите.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека со зголемувањето на пензиите во март годинава просечната пензија ќе се зголеми за 62% во однос на 2006 година, кога просечната пензија изнесувала 7.683 денари.