Од отпадот ќе добиваме електрична енергија

50

Во рамките на 9-та годишна манифестација Недела на енергетиката во Македонија 2013, се одржа меѓународната конференција Енергетска искористеност на отпадот во урбаните заедници.

На конференцијата зборуваше министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, кој се осврна на претварањето на отпадните материјали во електрична енергија и топлина.

Процесот, истакна министерот, генерира тип на обновлива енергија и ги намалува емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата, емисијата на метан од депониите, како и потребата за енергија добиена од фосилни извори.

Адеми додаде дека ефикасното управување со отпад е важен приоритет и интерес на Македонија, изразувајќи надеж дека програмата на конференцијата, како и целокупниот проект, ќе поттикне промена во начините на однесување на општините во делот на управувањето со отпадот и ќе даде можност за иновативни решенија и алатки во однос на енергетското искористување на комуналниот отпад.

Македонија веќе има етаблирано политика за управување со отпадот, базирана на принципите за одржлив развој, на општата рамка за техничка шема за управување со отпад и општите мерки за надминување на проблемите што постојат во животната средина.

Конференцијата ја организираше Центарот за енергетска ефикасност на Македонија  (МАЦАФ) и Градот Скопје.