Од продажба на лажни Birkin чанти заработиле 4 милиони евра

184

Во Париз, престолнината на европската мода, се води судски процес против поранешни вработени на компанијата Hermes, бидејќи продавале копии на познатите Birkin чанти (вредни неколку десетици илјади долари) на азиски клиенти и успеале добро да заработат.

Станува збор за најскапите чанти на светот, изработени од крокодилска кожа, чие производство трае долго. Скапите и брендирани производи се најмногу барани во Париз, а некои клиенти “паднале“ на совршено верни копии на Birkin чанти. Од 2011 година, па наредните четири години се продале вкупно 148 лажни чанти.

Поранешните вработени успеале да заработат повеќе од четири милиони евра, а најмногу ги продавале во Хонгконг. Иако станува збор за фалсификат, чантите ги продавале по цена од 23.500 до 32.000 евра, а тогаш во овластена продавница, таков оригинален модел чинел околу 44.000 евра.

Обвинителството инсистира затворската казна да биде во траење од четири години, а паричната казна да изнесува 200.000 евра. Пресудата е најавена за 24 септември годинава.

Фото: Facebook