Од септември стартува проектот Отворено со бизнисот

34

FreshAer Business DealsПочнувајќи од септември, секој прв понеделник во месецот компаниите ќе можат да се сретнат со министерот за економија Ваљон Сарачини во рамките на проектот Отворено со бизнисот, што го започнува Министерството за економија.

Проектот има за цел преку отворен дијалог со бизнис секторот во земјава да се олесни дополнително процесот на носење на регулативи и правилници кои се од витално значење за реалниот сектор.

Исто така преку проектот ќе се обрне внимание на сите административни точки кои што ги отежнуваат условите за водење на бизнис, а истовремено преку редовна комуникација ќе се отвори можност за побрзо имплементирање на новини кои се од клучно значење за бизнис секторот и ќе произлезат од потребите на пазарите.

“Создавање на поконкурентна економија, развој на претприемништвото и иновациите и подобрување на позициите на компаниите на странски пазари е вревен приоритет на Министерството за економија. Овие цели можат да се исполнат само преку зајакнато партнерство и отворен дијалог со бизнисот. Ние сакаме дополнително да ја зајакнеме соработката и на тој начин да делуваме ефикасно во интерес на бизнисот и подобрување на економската состојба во целина”, истакна министерот за економија Ваљон Сарачини.

На компаниите ќе им се овозможи да ги изложат своите предизвици и да предложат решенија за нивно надминување, да дадат свои идеи во врска со можностите за дополнително скратување на роковите за одредени процедури, но и да се информираат за пристапот до средства од ИПА фондовите и другите кредитни линии. Ќе се афирмира и техничката поддршка што ја нуди Министерството за економија за компаниите преку различни наменски програми.

Како што најави Сарачини, во рамките на овој проект ќе се прават и анонимни анкети и истражувања во компаниите за подобрување на работата и за најчестите пречки во водењето на бизнис. Исто така, ќе се прават истражувања за можностите и потенцијалите на компаниите и нивните потреби во насока на подобрување на бизнисот.

По барање на бизнис секторот министерството за економија донесе неколку нови законски решенија и измени на постојни. Овие законски решенија како што се Законот за трговски друштва, Законот за стечај, Закон за енергетика, Закон за минерални суровини, Закон за едношалтерски систем и низа други подзаконски решенија, се изменети и дополнети во најкраток можен рок и се со цел да создадат реални услови за дополнително подобрување на бизнис климата. Како резултат на интензивираниот дијалог со бизнис заедницата зголемен е и бројот на компаниите што ги користат средствата од ИПА фондовите и другите програми за подршка на бизнисот.