Од следната година ќе се игра лото и на интернет

45

lotarija11Догодина се очекува и во Македонија да се игра лото на интернет. Имено, Државната лотарија на Македонија распиша јавен повик за склучување договор со искусна компанија за формирање заедничка фирма за приредување електронски и интернет-игри на среќа, пишува Дневник.

Според плановите, во новото друштво, кое е утврдено да има главнина од нешто над 12 милиони евра, Државната лотарија на Македонија треба да биде доминантен сопственик со 51% од главнината.

За нејзин влог ќе се смета ексклузивното право за приредување електронски игри на среќа во земјава без временско ограничување, како и ексклузивното право да приредува интернет-игри на среќа во период од две години.

Новата фирма ќе има двегодишен ексклузивитет во организирање вакви игри на среќа, а потоа и овој пазар ќе биде либерализиран.

Идниот партнер ќе треба во новата фирма да вложи 6 милиони евра, од кои 4,7 во опрема и во софтвер, 300.000 евра во хардверска и во софтверска поддршка и еден милион евра паричен влог за покривање на финансиските трошоци за оперативно функционирање на новото трговско друштво.

Од потенцијалните кандидати се бара искуство и финансиски капацитет, односно да имаат обрт од интернет-игри не помал од 600 милиони евра годишно за секоја од последниве три години, од 200 милиони евра за електронски игри на среќа и не помал од 700 милиони евра од лотариски игри.

Во новото друштво е предвидено двете компании да склучат договор за заедничко вложување за период од најмалку 15 години, а за исполнување на обврските од договорот предвидено е и доставување банкарска гаранција.

Избраната компанија ќе треба да обезбеди и платформа, со која корисниците ќе можат да вршат уплати преку мобилни уреди и за другите игри на среќа и да обезбеди креирање заедничка интернет-платформа за приредување на интернет-игрите на среќа.