Од тутунот во Македонија живеат 200.000 жители

29

Тутунот да се заштити и да се преземат мерки за развој на производството од кое живеат преку 200.000 жители во Македонија, е заклучокот на учесниците на дебата на тема Импликациите на рамковната конвенција на Светската здравствена организација врз производството и фабрикацијата на тутун, која се одржа во Прилеп.
Според професор д-р Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна, тутунот е најдоходовна гранка и каква било замена со друга култура нема да има толкава економска оправданост.
“Ако може, државата треба да отстапи од членовите на Конвенцијата кои зборуваат за намалување на површините и замена на тутунот. Друга алтернатива за него, култура која би дала таков економски ефект од единица површина, нема, а замената би имала големи последици за нашата земја”, истакна Арсов.
За д-р Мирослав Димитриоски од Институтот за тутун во Прилеп, можна е заштита. Иднината би била во натуралните цигари.
Тутунарите предупредија дека пред нив е тешка година. Сега ги потпишуваат договорите со откупувачите и, како што нагласи Муса Ибраимоски, производител од општина Долнени, во овој сегмент очекуваат помош од државата.
Дебатата ја организираше Сојузот на тутунските здруженија по повод 4 Април, Денот на тутунопроизводителите. Покрај производители, учествуваа и претставници од откупните претпријатија, професори од Факултетот за земјоделски науки и храна, како и експерти од Институтот за тутун од Прилеп.