Oд утре стартува директната авиолинија Скопје – Москва

126

ТАВ Македонија најави дека од утре стартува директната авиолинија Скопје – Москва. Првиот лет на руската авиокомпанија Nordwind Airlines од Москва во Скопје треба да пристигне утре попладне во 17 часот и 10 минути.

Отворањето на новата авиолинија официјално ќе го одбележат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, амбасадорот на Руската федерација, Сергеј Баздникин и генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак кои по пристигнувањето на првиот лет од Москва на Меѓународниот аеродром Скопје ќе дадат изјави за медиумите.

Воспоставувањето на директната линија Скопје – Москва првично беше најавено за 21 мај 2021, но Nordwind Airlines го одложи поради, како што соопшти, епидемиолошката состојба.

“Во ТАВ Македонија сме многу среќни што Nordwind Airlines одлучи да почне со летови на релација Москва-Скопје, отворајќи ја првата воздушна врска помеѓу Северна Македонија и Русија, по 20 години пауза на воздушната врска меѓу двете земји. Силно веруваме дека оваа досега неопслужена авиолинија има голем потенцијал и дека ќе биде од голема корист за бизнис-патниците и за оние кои патуваат од туристички причини”, изјави Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Новата редовна директна авиолинија меѓу Москва и Скопје, според најавите на Nordwind Airlines, треба да се одвива еднаш неделно, секој петок попладне со време на поаѓање од Меѓународниот аеродром Шереметјево во 14 часот и 45 минути и време на пристигнување на Меѓународниот аеродром Скопје во 17 часот и 10 минути. Со неа практично, по 20 години пауза повторно се отвора воздушната врска меѓу двете земји.