
Бирото за јавни набавки од 1 април 2025 година, ќе ја стави во функција новата надградена верзија на Електронскиот систем за јавни набавки, со нови функционалности и напредни алатки за да се олесни работењето, како на набавувачите, така и на понудувачите.
„Станува збор за значајна реформа којашто ќе го унапреди процесот на јавните набавки, ќе ја зголеми транспареноста и ефикасноста на целиот процес, а поедноставената и стандардна документација отвора можност за учество на повеќе компании во овој процес и згомемена конкурентност. Со новата верзија се воведуваат иновативни технологии кои ќе генерираат напредна аналитика на податоци со која ќе се постигне поголема отчетност при трошењето на јавните средства”, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Новите алатки овозможуваат и придонесуваат за усогласување со стандардите и регулативата на ЕК и исчекор во востанувањето на ЕСЈН на официјален член (e-Sender) на платформата за објава на тендери на ЕУ (ТЕД), се имплементира процес на автоматско креирање на тендерска документација со што значително ќе се подобри квалитетот на тендерските документации, ќе се намалат грешките и пропустите, а со тоа ќе се намали поништувањето на постапките. Ќе се скрати и времето за учество на постапките и ќе се постигне поголема сигурност и интегритет во креирањето на понудата.
Воведувањето на алатка за структуирање на финансиската понуда на компаниите, која ќе доведе до поголема транспарентност и полесна следливост на цените, ќе овозможи подобар мониторинг и подетална анализа на цените на понудите и вредноста на договорите за јавни набавки, споредба на единечни цени на ист предмет на набавка со други институции, споредба со цени од претходни години и сл. Со ова ќе се има увид во генералните движења на цените на производите и услугите на пазарот за јавни набавки, компаративна анализа, проектирање на трендови итн.
Целокупната надградба на системот, покрај горенаведените бенефити и подобрувања, претставува основа за наредна поголема реформа во работењето на јавниот сектор, како на пример воведување унифицирана е-фактура за јавни набавки во соработка со Управата за јавни приходи.