Од утре задолжително пријавување и одјавување во ФЗОМ по електронски пат

143

fzom_833168690 Сите фирми од утре задолжително ќе треба да ја користат електронската услуга – пријава и одјава на здравствено осигурување преку веб порталот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова, изјави дека електронската услуга за фирмите е воведена во декември и тие пријавувањето и одјавувањето на вработените и нивните семејства, наместо во подрачните служби на Фондот, може да го прават од својата канцеларија за што треба да имаат овластено лице кое има активна електронска здравствена картичка и читач кој чини околу 600 денари, пишува МИА.
“Во Македонија има 75.500 фирми од кои 70.000 се активни. Состојбата не е задоволителна бидејќи досега има 2.000 фирми кои доставиле овластување и кои почнале да ја користат оваа алатка. Тоа е мал процент во однос на 70.000 активни фирми. Сепак, има одредени градови каде податоците се охрабрувачки. На пример во Струмица повеќе од 20%, а во Битола околу 12% од фирмите веќе ја користат таа платформа, а другите градови заостануваат”, посочи Парнарџиева Змејкова.
Таа упати апел до сите фирми во најскоро можно време да достават само едно овластување од свој вработен кој има електронска картичка за да може да се регистрира на веб порталот на Фондот и потоа да не доаѓаат во подрачните служби и да прават пријави и одјави.
Посочи дека откако е воведена електронската услуга, одредени фирми веќе почнале да ја користат, некои барале обуки и тие се реализирале во јануари.
Во моментот ФЗОМ има голема активност околу дистрибуирање на електронските здравствени картички. Од понеделник, 3 февруари, почнува годишната пререгистрација на 220.000 граѓани во државата кои добиваат придонес платен од Министерството за здравство, но за да го добијат тоа потребно е од 1 февруари до 1 април да дојдат во Фондот и да достават изјави дека имаат ниски приходи.