Оџачарот носи среќа, фатете се за копче ако го видите

525

Некогаш одамна, оџачар во Италија влегол во три куќи на една улица во ист ден и во сите три се случиле убави работи. Кога се собрале соседите и си раскажале за убавите работи, дошле до заклучок дека сè се случило поради оџачарот, дека тој им ја донел среќата.

Затоа кога ќе видиш оџачар, треба да го допреш, да се фатиш за копче или од четката за чистење оџаци да скинеш влакно.

1

“Младите многу и не знаат за оваа традиција, но постарите сè уште сакаат да нè допрат или да им дадеме влакно од четката што се прави од коњски опаш, се фаќаат за копче… Тоа се некои работи што се прават за кои се верува дека носат среќа. Кога одиме кај постара популација, многу убаво нè пречекуваат, но младите не ја знаат оваа традиција и полека се губи”, вели Ѓуро Поповиќ, сопственик на фирмата Оџаци.

Занаетот е стар колку што е старо и човештвото. Се кажува дека порано децата што ги викале шегрти ги спуштале во оџаците и ги чистеле со гребење. Постепено занаетот се развивал и се усовршувал. Во Европа најпрво се развива во Италија и од таму се шири, а како професија датира од 20-тите години од минатиот век. Но, што значи оџачарство треба да се сфати многу посериозно. Тоа е работа со голем ризик.

3“Оџачарството е опасна работа. Во зима секој втор – трет ден имаме пожари на куќи предизвикани од оџаци. Оџачар не се станува со ислушан курс од месец – два и со некаков сертификат или диплома, затоа што сè уште не се издаваат лиценци. Дипломите од неформално образование без никаква пракса по мене се голем ризик. Сепак, најтешката работа на оџачарот всушност е да процени дали може да го запали оџакот и да го контролира”, вели Поповиќ.

Според него, класично чистење на оџакот може секој да прави. И самиот домаќин да земе сајла, ќе го исчисти. Но, не е само тоа. Најважната работа на оџачарот е да му даде правилен совет на домаќинот што му е проблемот, дали има пукнатини, дали има ризичен оџак, дали треба да се руши, да се санира.

“Проблемот кај оџаците е смолата што се создава во самите оџаци, дали од сирови дрва, кондензација, придушување на самата печка за да држи жар… Смолата е многу запаливо средство и е многу страшно кога ќе се запали оџакот, целата куќа се тресе. Внатре се развива температура над 1.500 степени. Кога палиме оџаци, пристапуваме со сите безбедносни аспекти. Некои луѓе сами ги палат, ако се прави тоа редовно, немаат проблем. Но ако има многу смола, а оџакот е неадекватен и не може да го издржи тоа, тогаш 90% настанува пожар затоа што најголемата температура ја развива при врвот, во поткровниот дел, а кај 90% под кров се најлоши оџаците. Единствената причина да настане пожар на куќа е таванскиот дел, кај што се гредите. Не може да се запали самата цигла, туку пука горе, избива оганот и ја пали столаријата, гредите, зависи кој што чува. Во таа паника се прават големи грешки. Кога ќе видат оган од оџакот, сопствениците се качуваат со црево, со вода, а тоа е катастрофа за самиот оџак. Со ладно – топло може да настане експлозија, се прави потпритисок и сè тоа од незнаење. Треба само дотурот на воздух да се запре, по можност ако се има ПП апарат, тој се нанесува од долу нагоре со што се затвора дотурот на кислород. Може да помогнат капаче, мокра крпа, штом нема кислород, огнот ќе стивне”, објаснува Поповиќ.

gjuro
Ѓуро Поповиќ, сопственик на фирмата Оџаци

Со факултет занает не се работи

Оџаци е професионална фирма што се занимава исклучиво со оваа дејност и е единствена во Македонија. Ѓуро и брат му почнуваат да работат со својот татко, кој всушност е основачот. Почнуваат како чираци, а сега обучуваат други. Но, кадар тешко се наоѓа.

“Младите воопшто не се заинтересирани за било кој занает, не само за нашиот. Валканите работи не им се интересни. Младата популација оди на ИТ, менаџмент… Кај нас претежно доаѓаат луѓе од 45 години, веќе во поодминати години, се обучуваат… Сега повеќе се со факултет отколку со средно, а тој со факултет никогаш нема да фати ваква работа. Занаетчиството се запре, од средните училишта 90% се гимназии, нема веќе насочено. А штом од средно не се фати занаетот со рака, понатаму нема шанси. Со факултет занает не се работи. Не само за мојата дејност, општо зборувам. Градежници, лимари, молери, олучар, нема шанси да најдете. За жал, така е. И ние во шпицот закажуваме по еден месец однапред. Скопје има над 70.000 – 80.000 оџаци. Само еднаш да ги поминете, колку луѓе ќе ви требаат во годината?”, констатира Поповиќ.

2

Најголем загадувач на воздухот се нечистите оџаци

За тоа колку нечистите оџаци имаат удел во загадувањето на воздухот, Поповиќ е дециден: “Јас и ден денес тврдам дека најголем загадувач, посебно на град Скопје, се оџаците. Индустријата ја има и во лето и во зима, автомобилите ги има и во лето и во зима, а најголемото загадување е зимно време. Сега новите грејни тела се трајножаречки, се подесуваат цела ноќ да тлеат и наутро да се потпалат. Можете да замислите што значи во еден момент да работат 70.000 оџаци и тоа шест месеци без престан. Сега нормално, на тоа ќе натоварите смог, магла… Огромна улога има чистењето на оџаците, да се исчисти смоларскиот дел, гарежот, да функционира само чадот што е од самото дрво. И чадот има свое влијание, но има нешто што е нормално согорување, за разлика од ненормалното согорување, што ги носи и овие неисчистени работи, па загадувањето многу повеќе се зголемува. Освен на загадувањето, нередовното чистење влијае и врз потрошувачката. Правните субјекти, претежно котларските постројки, кај топловодни греења, со самото чистење имаат огромна заштеда на енергија. Тоа се научни трудови, дека еден милиметар саѓ во грејно тело, како на пример котел, ја зголемува потрошувачката за 6%, 2мм ја зголемуваат за 10%, 3мм за 20%, што не е за занемарување.”

Како голем проблем во иднина, Поповиќ гледа на спроведување на процесот на гасификација во земјава.

“Огромен проблем што мислам дека треба да се спомне се новите згради што се градат. Од 2005 година наваму со законот не е задолжително да имаат оџак. Кога ќе дојде гасификацијата, ќе мораат зградите да имаат приклучоци на оџаци. Замислете сте зеле стан, ви доаѓа гас, а вие не можете да се греете на гас. Ние даваме А-тестови за сите новоизградени вентилации и оџаци пред пуштање во употреба, а сега последните А-тестови што ги даваме се за вентилации, затоа што оџаци нема. А тоа ќе биде голем проблем на државно ниво кога ќе дојде гасификацијата”, вели Поповиќ.