Одложено оданочувањето на приходите од каматите на штедните влогови

54

Со последните усвоени измени на Законот за персонален данок, Владата на Република Македонија го продолжи рокот за неоданочување на приходите на камата на штедните влогови. Овој рок ќе биде продолжен се до влезот на Македонија во Европската унија, наместо како што беше првично предвидено од почетокот на 2013 година.

Соопштението беше изнесено од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Тој истакна дека таа мерка ќе придонесе да се поттикне и задржи позитивниот тренд кај штедењето кај граѓаните, иако на некој начин буџетот останува без еден потенцијален приход, кој според проценките изнесува околу 20 милиони евра.

“Во европските земји е практика да се оданочуваат тие приходи и тоа би значело регуларен приход за буџетот, но како и низа други мерки што претходно беа донесени Владата одлучи од дел од овие приходи да се откаже да не ги добие средствата во корист на македонската економија, граѓаните, банките и пред се фирмите кои се многукратно покорисни и поважни ефекти”, појаснува Ставрески.

Според министерот, вкупните депозити во Македонија изнесуваат 238 милијарди денари од кои 71%, односно 171 милијарда денари се штедни влогови на населението. Кај нив е забележан пораст од 9% во однос на септември минатата година, додека кај вкупните депозити порастот изнесува 5,7%.