Одобрени 194 милиони евра за нови проекти во Западен Балкан

137

Управниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) одобри 194 милиони евра неповратни средства од Европската Унија и билатералните донатори за нови проекти од областа на дигиталната инфраструктура, животната средина, транспортот и енергитиката низ Западен Балкан, соопшти Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Овие проекти понатаму ќе бидат дополнително финансирани со кредити од ЕБРД и други меѓународни финансиски институции.

Неповратните средства одобрени за проекти на земјите од Западен Балкан ќе привлечат уште 400 милиони евра инвестиција од ЕБОР, вклучувајќи и средства за изградба на три нови делници на Коридорот 5ц во Босна и Херцеговина, две нови делници на Коридорот 10 во Северна Македонија, реконструкција на косовската железничка инфраструктура и систем за отпадни води и канализациска мрежа во Гњилане и за изградба на широкопојасна интернет мрежа за училишта во руралните области во Србија.

Покрај тоа, ЕБРД и ЕУ потпишаа договор за дополнителни 45 милиони евра за две програми што ЕБРД ги спроведува во земјите од Западен Балкан: Совети за мали компании и Регионална програма за енергетска ефикасност.
Досега, вкупната сума на неповратни средстваод ЕУ и билатералните донатори на Западен Балкан надминува една милијарда евра, додека вкупната инвестиција на меѓународните финансиски институции надминува 5,6 милијарди евра.

Фото: Pexels