Одржан натпревар во роботика во Скопје

44

img_7352

Во просториите на Машинскиот факултет во Скопје започна првиот Spring’17 Challenge натпревар во роботика и математика во организација на Стем Академија од Скопје, а со поддршка на Машински факултет. На натпреварот учествуваат шеесетина деца на возраст од шест до 14 години спремни преку тимска работа да го покажат своето знаење од областите роботика, математика и решавање проблеми.

“Ни претставува задоволство организирањето на првиот Spring’17 Challenge. Во прашање е натпревар во роботика и математика каде натпреварувачките тимови добија задача да решат зададен проблем на начин кој според нив претставува најфункционално, иновативно и погодно решение. Целта на настанот е да ги поттикне младите учесници да размислуваат иновативно, да најдат начин за примена на своето знаење и секако да работат и соработуваат во тим бидејќи ние во Стем Академија цврсто веруваме дека овие квалитети се важни не само за успешно решавање на интересни проблеми, туку и во понатамошниот живот на младите натпреварувачи“, изјави Жарко Поп Илиев, еден од основачите на Стем Академија.

Овој настан е дел од соработката на Стем Академија со Машинскиот факултет од Скопје за едукација, доживотно учење и стекнување на Стем вештини неопходни за 21 век кај младата популација во Македонија. Оттука, оценувањето на работата на тимовите ќе го прават професори од Машинскиот факултет, а за најдобрите ќе бидат обезбедени соодветни признанија.

“Машинскиот факултет како високообразовна институција со фокус на развој и придонес во научноистражувачка дејност со задоволство ги поддржува сите иницијативи и проекти кои имаат за цел приближување на науката до младите. Ги цениме и поддржуваме ваквите и слични настани и активности на Стем Академијата каде во суштина децата се запознаваат со светот на науката, инженерството, технологијата и математиката на начин кој е соодветен на нивната возраст и кој кај нив ја поттикнува љубопитноста, желбата за учење и истражување во овие области“, изјави д-р Атанаско Тунески, професор на Машинскиот Факултет – Скопје по предметот Управување со роботи.

Фондацијата за промовирање на иновативно учење, едукација и личен развој Стем Академија е формирана во 2013 година и работи на промовирање и градење на неопходните вештини и знаења на 21 век кај учениците притоа користејќи иновативни методи за учење технологијата кај сите генерации, со особен фокус на најмладите. Програмите и методологиите на Стем едукација потекнуваат од светски познати институции и технолошки лидери како што се LEGO® Education,MINDSTORМ® Education, Massachusetts Institute of technology (MIT), Harvard’s research Institute и Microsoft. До денес програмите на Стем Академијата ги поминале повеќе од 500 ученици на возраст од пет до 16 години.