Одржана првата прес-конференција на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија

34

untitledokiВчера во ЕУ Инфо Центар – Скопје Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ја одржа својата прва прес-конфенреција на којашто го одбележа официјалното започнување со работа и ја претстави мисијата, целите и годишната програма. Исто така низ мулдимедијална презентација беа претставени клучните статистички податоци за подготвеноста на Република Македонија за е-трговија и колку, каде и што се купува онлајн. Беше претставен дел од сеопфатната анализа за состојбата со е-трговијата во земјава која ја изработува асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а која е поддржана од Mastercard и тоа: состојбата 2017 година и растот во однос на 2010 година, но и каде се наоѓа Република Македонија во однос на Европските земји.

На прес-конференцијата зборуваа:

Претседателот на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р. Нина Ангеловска, Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г-дин Димитар Богов, Mинистерот за информатичко општество и администрација, г-дин Дамјан Манчевски, и Регионалната директорка на Mastercard за Македонија и Бугарија,  г-ѓа Вања Манова.

“За да знаеме каде сакаме да бидеме, за да знаеме кои ни се пречките и предизвиците, за да може структурно  да делуваме, да креираме планови и политики потребно е да знаеме каде се наоѓаме денес. Токму и сеоофатната анализа на состојбата со е-трговијата која ја изработува Асоцијацијата за е-трговија, со поддршка од Mastercard има за цел да ја мапира постојната состојба и врз таа основа да ги идентификува приоритетните мерки кои треба да се преземат за раст и креирање на поволна клима за развој на е-трговијата. Бидејќи бројките сами по себе на кажуваат многу ако не се споредиме, анализата вклучува споредба со другите земји од Европа. Анализата која ја работиме е поделена во три дела: подготвеност на Македонија за е-трговија, фактичката состојба со е-трговијата и препораки за развој. Иако во Република Македонија постојат предуслови за развој на е-трговијата, фактичката состојба со е-трговијата е на многу ниско ниво. Според податоците од Државниот завод за статистика и Еуростат во 2017 година само 19.5% од Македонците со пристап до интернет купиле/нарачале нешто онлајн во последните 12 месеци додека просекот во ЕУ (28) изнесува 68%. Од компаративната анализа може да заклучиме дека Македонците најмногу сакаат да го користат интернетот за социјални мрежи, телефонирање и играње игри, додека се далеку под просекот во користење на интернет за: праќање и примање емаил пораки, продавање производи и услуги, барање информации за производи и услуги, користење интернет банкарство и сл. Според НБРМ од вкупниот промет направен со платежни картички во РМ во 2017 година само 3% отпаѓа на вредност во е-трговија, 29% на ПОС терминали и дури 67% на подигнување и депонирање готовина од АТМ. Вкупната остварена вредност во оналјн реализирани трансакции изнесува 105 милиони евра во 2017 година, од кои 71% се кон странски е-трговци. Според податоците на НБРМ во земјава има вкупно регистрирани 789 виртуелни продажни места кои работат за процесирање на трансакциите со една од 5те банки кои ја нудат оваа услуга. Според нашата анализа моментално се активни 578 веб страни на е-трговци. Во оваа вредност треба да имаме предвид дека се земени и плаќањата сметки преку е-commerce каналите за телефон, вода, струја, владини услуги и сл.“, изјави Д-р. Нина Ангеловска, претседател на првата Асоцијација за е-трговија на Македонија.

Мора и можеме да направиме заеднички напори за промовирање на е-трговијата помеѓу крајните корисници и компаниите, подигнување на свеста на граѓаните за придобивките – купување од друг дел на светот, но и од локални продавници со брза испорака до домот, поевтини услуги/намалени трошоци, поголем избор на производи и добавувачи со можност за споредба и пронаоѓање на најповолниот производ, помалку потрошено време, купување од било каде, во било кое време итн. Потребен е систематичен и холистички пристап во креирање на средина која ќе стимулира е-трговија, елиминирање на бариерите и подобрување на бизнис климата. Како што спомена и Нина ниското ниво на дигитална писменост е една од бариерите на која ние како Влада заедно со вас може да работиме заедно со вас.“, изјави Министерот за информатичкo општество и администрација г-дин Дамјан Манчевски, посакувајќи успешна работа и поддршка на асоцијацијата додавајќи дека на истата гледа како на партнер кон постигнување на заедничката цел – Македонија да оди во чекор со новите технологии.

Министерот Манчевски дополнитено ги престави проектите поврзани со дигитализација како што се: фокус кон широкопојасен интернет во белите зони, е-регистарот на население, унапредување на законот за електронска трговија и законот за потрошувачи и воедно ја нагласи потребата за соработка помеѓу земјите на Западен Балкан која ќе биде тема на Дигиталниот самит кој е дел од берлинскиот процес, а на кој оваа година Македонија е домаќин.

“Формирањето на Асоцијација е значајно бидејки може да одигра голема улога во унапредувањето на е-трговијата, а воедно да придонесе кон други позитивни аспекти за македонската економија. Народната банка се стреми за дигитализација на македонската економија, дигитализација на плаќањата и општеството во целина. Безготовинските плаќања кои се стимулираат со е-трговија се воедно начин за справување со сивата економија и овозможуваат лесна евиденција и следење.“, изјави Гувернерот на Народната Банка на РМ г-дин Димитар Богов, упатувајќи поддршка и заблагоарувајќи се за поканата да се вклучи НБРМ како почесен член во АЕТМ. Исто така Гувернерот на Народната Банка на РМ г-дин Димитар Богов истакна дека е-трговијата може да го зголеми и извозот.

“Трендот во развојот на Интернет на нештата (Internet of things)  и се поголемиот број фукнционалности на поврзаните уреди, им овозможуваат на корисниците удобност во купувањето било каде, било кога и на начин кој го преферираат, но во исто време безбедноста на трансакциите станува поважна од било кога. За таа цел во изминатите три години Mastercard инвестираше повеќе од 1 билион долари во изградбата на безбедни и сигурни производи и мрежи, со употреба на најновите технологии и иновации.”, изјави г-ѓа Вања Манова упатувајќи голема поддршка до Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Таа исто така истакна дека како поддржувачи на анализата која ја изработува асоцијацијата особено го охрабруваат пристапот за иницијално мапирање на состојбата и потоа брз база на тоа формирање на соодветни мерки“.

Прес-конференцијата беше проследена со networking коктел “Launch & Brunch” за присутните меѓу кои беа почесни гости, поддржувачи и членки на Асоцијацијата и претставници на медиумите. За време на настанот присутните имаа можност да се запознаат со најновите податоци за е-трговијата кои беа прикажани преку видео материјалите и презентациите кои се емитуваа на екраните, како и да разменат бизнис искуства и предизвици со кои се соочува македонската економија кога се во прашање дигиталните иновации и идните активности на Асоцијацијата.