Одржана седница на Националниот совет за претприемништво и конкуретност

24

Tема на состанок на Националниот совет за претприемништво и конкуретност, што се одржа денес, беше Иновациите и областите од индексот за глобална конкуретност.

На состанокот беше договорено е да се засили имплементирањето на Стратегијата за иновации, која Владата неодамна ја усвои, и да се работи на развивање на мерки за подобрување на конкуретноста, кои потоа би се доставиле како предлози до Владата.

“Националниот совет за претприемништво и конкуретност на Република Македонија преку своите комитети и работни групи ќе земе директно учество во спроведувањето на активностите предвидени во Стратегијата за иновации и во акциониот план кои се насочени кон прилагодување на структурата на образовниот кадар со потребите на стопанството, зголемување на соработката меѓу високообразовните институции и деловната заедница на полето на иновациите, трансфер на технологии и истражување и развој”, истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој претседава со Советот.

Советот има цел преку дијалог и директна соработка меѓу деловната заедница, образовните институции и Владата да се подобри конкуретноста и иновативноста во домашната економија и притоа да се зголеми животниот стандард и квалитетот на живот на граѓаните. Во него членуваат претставници од приватниот и јавниот сектор, високообразовните институции и невладините организации.