Привршуваат подготовките за почеток на новиот систем за осигурување од природни катастрофи и временски непогоди во Македонија. За таа цел, експерти од компанијата Европа Ре деновиве одржаа обуки и тренинг – сесии за првите овластени осигурителни агенти кои набрзо ќе почнат да им ги нудат на граѓаните и бизнис секторот во земјава, првите уникатни полиси за осигурување на имот од природни катастрофи, како што се земјотрес и поплава, како и од ризици од временски непогоди.
Во рамки на подготовките за почеток според Европа Ре програмата, обучени се и првите проценители на штети.
„Преку овие обуки, кои се базираат на точно утврдени протоколи на Европа Ре, проценителите добија соодветни знаења и експертиза кои им овозможуваат, во случај на природна катастрофа, на ефикасен начин да придонесат за иновативниот процес на далечинска проценка на штета поддржан од Европа Ре. Овој процес ќе овозможи брзо и транспарентно обештетување за граѓаните“, изјави Паоло Базуро, експерт на Европа РЕ за моделирање на ризици и инженерство.
Преку обуката, осигурителни агенти се запознаа со сите неопходни технички аспекти, како и со придобивките за граѓаните и бизнис секторот, од осигурителните производи кои наскоро ќе ги лансира Европа Ре преку постојните партнерски осигурителни компании во земјава.
„Овие обуки се дел од експертската и техничка поддршка што ја обезбедува Европа Ре за своите локални партнерски компании со што тие ќе можат целосно да се фокусираат кон потребите и очекувањата на граѓаните и бизнис секторот за ново, квалитетно и пред се достапно осигурување од природни катастрофи“, изјави Анета Дамјановска од Швајцарскиот канцеларија за соработка во Македонија, една од институциите кои ја поддржуваат програмата на Европа Ре за осигурување од природни катастрофи.