ОЕЦД ја намали прогнозата за светскиот раст за 2022 година на три отсто

26

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ја намали прогнозата за светскиот раст на три отсто оваа година, наспроти 4,5 отсто колку што прогнозираше во декември, што, како што наведе, е последица на војната во Украина.

Посебно ќе бидат погодени земјите од еврозоната, кои годинава ќе забележат раст на БДП од 2,6 отсто, наспроти 4,3 отсто, колку што предвидуваше во декемвриската прогноза на меѓународната организација со седиште во Париз.

Светската економија сѐ уште се намалува со војната во Украина, а постојат ризици дека економската активност ќе продолжи да се забавува, предупреди ОЕЦД во својата најнова прогноза, која предвидува скок на инфлацијата оваа година.

„Хуманитарната криза се одвива пред нашите очи, оставајќи илјадници мртви, принудувајќи милиони бегалци да ги напуштат своите домови и се заканува на економското закрепнување што започна по две години пандемија“, рече главниот економист на ОЕЦД, Лоран Бун во воведниот текст на прогнозата „Цената на војната“.

ОЕЦД, кој обединува 38 развиени земји, очекува инфлацијата да продолжи да расте. Организацијата предвидува дека инфлацијата во земјите-членки оваа година ќе достигне 8,5 отсто, двојно повеќе од претходната прогноза. Тоа ќе биде највисоката годишна инфлација од 1988 година.

Организацијата очекува идната година да се смират инфлаторните притисоци, но и предупредуваат дека ништо не е сигурно во овој контекст.

„Светот ќе плати висока цена за руската војна против Украина“, предупреди Бун на денешната прес-конференција, додавајќи дека светската економска криза е „директна последица на војната“.

Повеќето големи економски организации ги намалија прогнозите за глобален раст. Вчера Светска банка предвиде раст на светскиот БДП од 2,9 отсто годинава, а Меѓународниот монетарен фонд ја намали прогнозата во април и очекува раст од 3,6 отсто.