ОЕЦД ја зголеми прогнозата за глобалниот економски раст годинава на 5,6 %

76

Глобалната економска перспектива значително се подобри во последните месеци, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), која смета на комбинираните ефекти од планот на американскиот претседател Џо Бајден и вакцинацијата. ОЕЦД ја преиспита својата прогноза за глобалниот раст во 2021 година, на 5,6% од првичните 4,2%, пренесува МИА.

Глобалната економска перспектива значително се подобри во последните месеци како резултат на постепеното ширење на ефективни вакцини, најавата за нови мерки за поддршка во некои земји и знаците дека економиите се справуваат подобро од предвиденото со мерките за ограничување, објаснува ОЕЦД.

Самостојно, планот од 1.900 милијарди долари, посакуван од американскиот претседател Џо Бајден за заживување на најголемата економија во светот, придонесува со еден процентен поен во оваа ревизија на глобалниот раст од 1,4 поени, објасни Лоранс Бон, главната економистка на оваа организација што обединува 37 развиени земји.

“Благодарение на оваа финансиска инјекција, Соединетите Држави, кои бројат една петтина од смртните случаи од пандемијата, треба да очекуваат стапка на раст на БДП двојно од процената во декември, на 6,5%, без притоа да предизвика некој поголем инфлациски ризик“, смета Бон.

Од друга страна, одложувањата во вакцинацијата може да го загрозат закрепнувањето, особено во Европа.

“Не велиме дека Европа не прави доволно во однос на буџетскиот план, ние велиме дека треба да се забрза во однос на вакцинацијата“, подвлече поранешната економска советничка на Франсоа Оланд.

“Колку побрзо се вакцинираат земјите, толку побрзо можат повторно да ги отворат своите економии. Значи, нашата главна порака е да го забрзаме темпото на вакцинација за повторно отворање на економијата и да им овозможиме на луѓето да ја продолжат својата нормална активност, што значи да работат, да консумираат, да трошат“, рече таа.

За изненадување, предвидениот раст е поскромен за еврозоната. И покрај “невидената“ досега скала на стимулативни пакети, континенталниот БДП се очекува да порасне 3,9% оваа година, истовремено кога Велика Британија, каде 22 милиони луѓе ја добија првата доза, се очекува да забележи посилен раст од 5,1%.

За Франција, ОЕЦД очекува скок од 5,9%, практично непроменет од последните прогнози, 5,7% за Шпанија, 4,1% за Италија и 3% за Германија.

Моторот на глобалниот раст, Кина, каде што извозот во период јануари-февруари скокна за 60 % на годишно ниво, се очекува да забележи раст од 7,8%. Но, најспектакуларен скок се очекува во Индија: по падот од 7,4% во 2020 година, БДП се очекува да порасне за 12,6% оваа година.

Фото: Freepik