Оглас за работа на Балканот: Нудат огромна плата, бонуси, советување, дополнителен одмор

Софтверска агенција од Хрватска, која прва ги прикажа платите на своите вработени, сега објави оглас кој можеби претставува преседан на пазарот на трудот.

Агенцијата Bornfight пред две години го скрши мразот во хрватската ИТ и на интернет ги објави платите на сите свои вработени, како и деталните услови за унапредување, опишувајќи ги сите позиции во компанијата.

Годинава одат чекор понатаму. Сега прават преседан во управувањето во Хрватска, пренесува Јутарњи.хр.

Во огласот за вработување, за една од врвните менаџерски позиции, овој хрватски ИТ играч ги објави сите финансиски детали.

Шефот на производството во Bornfight може да се надева на постојан договор со плата од 25.000 куни (околу 3.300 евра) до 40.000 куни (околу 5.300 евра) бруто. Опсегот е голем бидејќи конечниот износ зависи од искуството и вештините. Работното време е флексибилно.

Има минимум 24 дена годишен одмор и тој број расте со бројот на деца и времето поминато во компанијата. Во огласот се наведува дека родителите можат да сметаат на дополнителни денови во годината, нето бонус од 4.000 куни (530 евра) за дете и подарок за дете.

Бесплатно советување

На вработените им се достапни бесплатно правно, даночно и психолошко советување. Работилници и обуки, внатрешни и надворешни, а Bornfight организира и канцелариски забави, за кои  наведуваат дека моментално се виртуелни.

Компанијата обезбеди и паркинг за велосипеди и паркинг места за автомобили во гаражата.

Новиот член на највисокото раководство ќе може да дојде на работа со домашно милениче, а може да очекува неограничени количини кафе, чај, овошје и грицки.