Ограничена е маржата за училишниот прибор

26

Владата донесе одлука за ограничување на маржата за училишниот прибор и тоа на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба, информира премиерот Христијан Мицкоски.

Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата, ограничувањето на маржата е во рамките на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, а одлуката е донесена на денешната седница на Владата.

Најави дека и понатаму ќе има ограничувања на маржите и профитот на поединци кои, како што кажа, генерираат профити и со тоа ја зголемуваат инфлацијата.

“Да речеме анализиравме увозни царински декларации на дел од производите и оние кои што се цени во малопродажбата и заклучивме дека многу производи денеска се предмет на монопол или дуопол. И монополот и дуополот си се договараат, ако се дуопол и монопол си прави што сака и практично цените некогаш се двојно поголеми од тие коишто се увозни.
Имаме да речеме увозна цена, пример еден, за маркери којашто е 60,1 денар,  во малопродажба е 130 денари. Потоа, имаме цена, да речеме, јаглен за цртање од 300 пакувања, увозната цена е 68,6 денари, а во малопродажба е 200 денари.

Боиците, ако увозната цена е 69,5 се продаваат од 120 до 150. Кај моливите имаме цена која што е увозна од 54,1 денар, се продаваат по 120 денари. Тетратки А4, увозна цена 40,1 денар, малопродажна цена 85 денари.
Значи минимум два пати, а во некои моменти и повеќе од увозните декларации, така што цениме дека со ова драматично на пола, би рекле, би се намалил трошокот“, рече Мицкоски.

Прашан дали носењето на оваа мерка не требаше да се направи порано, рече дека не е задоцнето нејзиното носење и додаде дека ќе следат мерки за заштита на есенската и зимската кошничка.