Ограничување на трошоците што граѓаните ги плаќаат за брзи кредити

66

Со законски измени, што ги изготви Министерството за финансии, вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на 55% од кредитот. Порано годишните трошоци не беа ограничени и достигнуваа и до 500% од кредитот. Со измените се опфаќаат и мали кредити под 200 евра кои претходно, не беа законски опфатени.

Вчера во Министерството за финансии заменик министерката за финансии Ширет Елези оствари средба со претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачи (ОПМ) Маријана Лончар Велкова, на којашто беа презентирани измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

“Со измена на Законот сега вкупните трошоци на кредитот се лимитираат на 55%, или 5 пати по стапката на казнената камата од 11%. За споредба претходно не постоеше лимит, така што давателите на кредити за мали износи и куси временски рокови наплаќаа двојно или тројно повисока сума трошоци од главнината. На пример за земен кредит од 12.000 денари на два – три месеци, граѓаните требаа да вратат 36.000 денари“, рече заменик министерката Елези.

Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) ја поздрави иницијативата на Министерството за финансии за измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

“Оваа измена е особено важна за сите нас како потрошувачи  од причина што се ограничува годишната стапка на вкупни трошоци за потрошувачки кредити. Поволно за потрошувачите е тоа што со законските измени се овозможува законот да се применува и на кредитите до 200 евра кои досега не беа опфатени со овој закон,  додека кај потрошувачите се создава заблуда затоа што најчесто овие кредити се рекламираат како кредити без камата, а всушност пресметаните трошоци претставуваат скриена камата. Од тие причини ОПМ апелира измените да бидат што побргу усвоени“ рече Маријана Лончар, претседател на ОПМ.